Да се ревидира планот за Јурија, не сакаат облакодери во населбата

319

Граѓаните од Дексион утре точно напладне ќе ја блокираат главната улица „Ѓорче Петров“ во знак на протест што надлежните од општината веќе две недели се глуви на нивните барања да се ревидира Деталниот урбанистички план С3 24 за Јурија, со цел да се намали планираниот габарит и висината на зградите вцртани со маркиците на ДУП-от.

Протестот ќе се одржи веднаш пред локацијата Јурија, каде што ќе се градат овие згради, па оттаму ќе испратат порака дека условите за живот на граѓаните се пред парите и урбаната мафија.  

– Нашите барања мора да бидат прифатени и овој криминално донесен ДУП мора да биде ревидиран – потенцираат жителите во повикот на протест преку социјалните мрежи.

Жителите реагираат дека со планот кој предвидува да се изградат згради високи по 58 метри и со 17 ката, ќе се наруши нормалното живеење во населбата Јурија, бидејќи ќе се запре струењето на воздухот, ќе се зголеми аерозагадувањето, а воедно ќе се создаде проблем и со возилата. Тие велат декат планот бил донесен без почитување процедури, без спроведување јавна презентација и јавна анкета.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека со ДУП-от се овозможуваат услови за градење на просторот, но одобрение за градење сѐ уште не е дадено.

– Претходниот ДУП за локалитет Јурија е од 2001 година и истиот не е во согласност со намените за просторот дефинирани со плановите од повисоко ниво, а донесени подоцна, во 2012 и 2018 година. Решението на новиот план нуди современ концепт за развојните потреби на општината – образложија општинските власти.

Тие посочуваат дека максимално дозволените нумерички параметри за градежната парцела не дозволуваат изградба на целата површина за градење со височина од 58 метри. Оттаму тврдат дека протокот на воздух нема да биде спречен, а во просторот значаен дел е одделен за зеленило.

– На дури 4.257 квадратни метри планиран е јавен парк, во зона надвор од градежни парцели. Секој кој ќе гради мора да се обезбеди најмалку 20 проценти површина под зеленило во рамките на градежните парцели. Оттука, со планот е предвидено најмалку 10.363 квадратни метри од површината да биде под зеленило – децидни се од Општина Ѓорче Петров.

Општинските власти тврдат дека граѓаните на Ѓорче Петров имале можност детално да се запознаат со планот за Јурија во двете спроведени јавни анкети и презентации, да даваат предлози, мислења, сугестии како и да се консултираат со стручни лица.

-Почитувани се сите процедури во постапката на донесување, а и обезбедени се  се согласности и позитивни мислења од Град Скопје и Министерството за транспорт и врски – тврдат од Општина Ѓорче Петров.

(А.П.)