Да се избегне користењето на мазут во Топланата „Скопје Север“ 

59

Екологистите  реагираат дека тоа што Топланата „Скопје Север“ веќе неколку денови работи и на мазут и со тоа уште повеќе ќе го загадува воздухот отколку кога работи на гас.

Притоа, од О2 Иницијатива побараа да се избегне неговото користење, а инспекторите да го проверат квалитетот на мазутот.

– Б интегрираната еколошка дозвола, издадена на „Скопје Север“, го дозволува користењето на мазутот како алтернативно гориво, но под одредени услови како што се: наведување на причините поради кои се менува погонското гориво од гас на мазут, вршење на мерење на емисиите при стартување, неколку пати дневно мерење на чадниот број, кој треба да биде помал од 1, емисиите да не содржат видлив чад, како и доставување спецификација за квалитетот и количеството на горивото – нагласуваат од О2 Иницијатива.

Оттаму додаваат дека досега од Град Скопје нема информации дека нешто од овие услови се направени.

-Го повикуваме Инспекторатот на Град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен пазарен инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето“ – потенцираат од О2 Иницијатива.

Оттаму на социјалните мрежи објавија и табели на кои се гледа дека дозволеното загадувањето со цврсти честички при користење на гас е максимално 5 mg/Nm3, додека со мазут максимално дозволеното загадување е 100 mg/Nm3.