Да се гарантира хуманоста кон животните

14

Конкретна а не декларативна заштита на животните бараат од Здружението „Анима мунди“, упатено до кандидатите за градоначалник и советници на локалните избори. Тие сметаат дека кандидатите треба да имаат став како во нивниот мандат ќе го решаваат проблемот со многубројните улични кучиња.

Сугерираат да се применува исклучиво стратегијата на масовна стерилизација, во светот позната како „залови – стерилизирај – врати“, како и бесплатна вакцинација, бесплатно микрочипирање, а при тоа да се соработува со здруженијата за заштита на животните кои би учествувале во работењето на стационарите. На тој начин, сметаат дека ќе се гарантира хуманоста кон животните.

Од „Анима мунди” бараат веднаш да се забрани движење на влечни коли со коњи во урбаните средини, со што прво ќе се спречи злоупотребата на овие животни, а и ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот по улиците.

– Бараме општината да промовира хуманост кон животните и одговорно сопствеништво преку едукација, позитивни кампањи, субвенционирање бесплатна стерилизација на миленици, а во соработка со здруженијата за заштита на животи и засегнатите граѓани – категорични се од „Анима мунди”

Предлагаат да има вегански оброк во градинките, основните училишта и во сите јавни установи под надлежност на локалната самоуправа за сите лица што се вегетаријанци.

Бараат и во Зоолошките градини во земјава повеќе да не носат нови животни и да не поттикнуваат репродукција, а ЗОО градините да се пренаменат во центри за рехабилитација.

Овие иницијативи на „Анима мунди“ бараат идните градоначалници да ги имплементираат заклучно со втората година од доделениот мандат, а секоја суровост кон животните да ја осудат и санкционираат.

(А.П.)