Да се биде или не за Барса

31

Добро познатата фраза „да се биде или не“, денеска треба да биде мотив плус за фудбалерите на каталонскиот гигант Барселона, кои само со победа ќе останат во игра за пласман во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони. После две одиграни кола во групната фаза, четата на Роналд Куман,  нема освоено ниту еден бод и затоа евентуалните три бода во дуелот против украинскиот преставник Динамо од Киев се повеќе од императив. Холандскиот стручњак ќе ги има на располагање и услугите на аргентинскиот интернационалец Серхио Агуеро, кој сигурно ќе добие шанса во второто полувреме.

  • Ние сме Барселона и ние имаме обврска да ги добиваме натпреварите. Ние сме навикнати на притисок, тоа е нешто нормално на „Ноу Камп“. Точно дека секој тренер е под притисок, но тој притисок во Барселона е нешто повеќе. Пред нас е една важна недела. Прво мора да го добиеме дуелот во Лигата на шампиони. Само со победа ќе останеме во игра, со пораз ќе мора да се збогуваме од 1/8 финалето. После дуелот со Динамо ќе мислиме на дерби пресметката против Реал (М), изјави тренерот на Барса, Роналд Куман.

Барселона е во катастрофално лоша ситуација, но во лоша ситуација е и англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ денеска ќе бидат домаќини на секогаш незгодниот тим на Аталанта, а италијанскиот калчолигаш ќе се обиде да ја искористи лошата форма во која се избраниците на Оле Гунар Солскер.

  • Мора да има експресна реакција, од мене и од моите фудбалери. Мора веднаш да одговориме, само така ќе го амортизираме поразот од Лестер. Не знам зошто не играме како што треба, можеби поради репрезентативните натпревари. Мора веднаш да најдеме решение за моменталната ситуација. Нема друг начин. Не е идеална ситуација, но може да се вратиме на вистинската патека доколку го добиеме дуелот во Лигата на шампиони, изјави менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскер.

Денеска на програмата: ГРУПА Е: Барселона – Динамо К., Бенфика – Баерн (М). Табела: Баерн (М) 6, Бенфика 4, Динамо К. 1, Барселона 0 бодови. ГРУПА Ф: Манчестер Ј. – Аталанта, Јанг Бојс – Вилјареал. Табела: Аталанта 4, Јанг Бојс 3, Манчестер Ј. 3, Вилјареал 1 бод. ГРУПА Г: РБ Салцбург – Волфсбург, Лил – Севилја. Табела: РБ Салцбург 4, Севилја 2, Волфсбург 2, Лил 1 бод. ГРУПА Х: Челзи – Малме, Зенит – Јувентус. Табела: Јувентус 6, Челзи 3, Зенит 3, Малме 0 бодови.