Да поминеш и да останеш жив е лотарија, паѓаат плочки цело време!

1099

Парчиња од дотрајаните фасади од зградите во централното градско подрачје секојдневно паѓаат. Особено од кулите кај гимназијата „Јосип Броз Тито“ и кај Зеленото пазарче чии фасади се од керамички плочки. При посилен ветер, паѓаат парчиња на плочниците, скопјани се чувствуваат небезбедно и револтирано, бидејќи може да ги повреди некое.

– Со полни кеси излегував од Зеленото пазарче кога веднаш пред мене падна дел од фасадата од кулата. Да направев чекор повеќе, ќе ме погодеше. Не сакам да помислам што можеше да ми се случи ако ми паднеше плочка од толкава висина – вели скопјанката Светлана В.

Иста слика е и кај кулите кај гимназијата „Ј. Б. Тито“. Половина фасада е падната и кога ќе видат случајните минувачи паднати плочки, не им е јасно како немало жртви.

– Под овие да поминеш и да останеш жив е лотарија, паѓаат плочки цело време! Ист е случајот и со кулите кај Зеленото пазарче – вели Мики Арсиќ.

– Со години наназад, од Аларова до Жерновски, куќниот совет бараше одлука каков модел и материјали да се земат за да се реновираат фасадите на 28 кули во Градскиот ѕид, се разбира една по една и со заемна финансиска помош. За жал, сè уште нема ниту одговор ниту архитектонско дизајнерско решение. А во случај на несреќа, одговорноста со закон е на правното лице  – заедницата на станари – вели Марионка Владимировска. 

Според Законот за домување, домарите или претседателите на станбените заедници се должни да преземат мерки за санација на фасадите. Лиценцираните управители велат дека за разлика од минатото, станарите последниве години повеќе се заинтересирани за вложување во заедничките простории, вклучително и за обнова на фасадите. Најголем проблем, според нив, има во постарите згради, каде што со години не било вложувано во заедничките простории.

– Да сакаат, нормално, ама некој друг да им ја направи. Да има закон како во западните земји, ќе видиш како ќе најдат пари. Општината ќе дојде ќе им ја направи и потоа ќе им испрати чекче. Ако не го платат за одреден рок, парите се дуплираат. На крајот, може да им го одземе станот. Тие становите во зградите си ги купија по 2 до 5 илјади евра, па сега како да дадат толку пари за одржување? Чекаат да дојде некој, како градоначалникот на Карпош, па да им го реши проблемот. Сигурен сум дека половина станари имаат убави коли и одат на одмор каде што ги трошат тие 1.500 евра, ама немаат пари да санираат нешто што може да одземе нечиј живот. Само кај нас прво треба некој да настрада, па потоа да се свестиме – коментира Сашо Гулевски.

Доколку дојде до повреда предизвикана од паѓање на дел од фасада, граѓанинот може да поведе судска постапка и да ги тужи сите станари кои не се грижеле за заедничките простории, вклучително и за фасадата. Законот предвидуваа санкции ако не се изврши санирањето и изнесува 300 евра по сопственик на стан.

(С.Бл.) – фото: П.С.