Да не се лови кај Осломејско Езеро за успешен мрест на крапот

80

Здружението на спортски риболовци од Кичево упати апел до сите љубители на природата, особено до риболовците да не се лови кај езерското крајбрежје од страна на селата Шутово и Гарани на Осломејското езеро, бидејќи токму во тој дел има мрестење на крапот.

Членот на кичевските спортски риболовци Бесмир Елези вели дека во делот од источната страна од брегот на езерото до 20 јуни е строго забрането било каков лов во езерото поради времето на мрест на крапот во посочениот дел на брегот, бидејќи таму е местото каде што крапот се мрести и затоа не се дозволува риболов без разлика каков риболов практикувате, сето тоа за да имаме успешен мрест.

– Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање кај љубителите на риболовот и секако бараме овој апел да се почитува од сите – вели Елези, додавајќи дека тие како друштво ќе постават соодветни знаци за забрана на лов во тој дел на Осломејското Езеро.

Ова здружение пред неколку дена успешно изврши второ порибување на Осломејското Езеро, каде што се пуштени 500 килограми крап со поединечна тежина од 70 грама до 1,5 килограм.