Од вкупно 80 општини, колку што ги има во државата, пазарот на недвижности не функционира во дури 52. Ова го констатира  Агенцијата за катастар на недвижности, повикувајќи се на податоците од регистарот на цени и закупнини за третиот квартал од минатата година, според кои на територијата на тие 52 општини се регистрирани од нула до 39 трансакции со недвижен имот.

-Тоа претставува мал број трансакции за дадениот временски период. Тоа покажува дека има големо раздвојување на пазарот, односно општини каде што има развиен пазар и општини каде што пазарот на недвижности воопшто не функционира, констатираат од Катастарот.

Вевчанци од сите во државата најретко ги продаваат своите имоти. Во оваа општина од почетокот на минатата година до крајот на септември се продадени само пет недвижности, а во третиот квартал имало само една трансакција. Слична е состојбата со Новаци, каде што имало само три, потоа и со Лозово, Зелениково и Конче, каде што се регистрирани по четири трансакции.

Всушност,  „движење“ на недвижностите речиси нема во руралните општини, како и оние кои ги опфаќаат помалите градски средини со околните села. Така, со постоење пазар на недвижности не можат да се пофалат ниту Дојран, Крива Паланка, Пробиштип каде што за три месеца имало 19, 20, односно 21 купопродажба на недвижен имот.

Сто и повеќе трансакции со недвижности во едно тримесечје во Регистарот се впишани само во 21 општина, а најмногу во скопските, кои ги има вкупно 10, но не во сите подеднакво. Најфреквентен е пазарот во скопските општини Карпош и Центар, каде што се регистрирани   над 400 трансакции, а следат Аеродром и Кисела Вода. Од општините надвор од Скопје се издвојуваат Битола (244), Охрид (232) , Куманово (219) и Тетово (219).

-Доколку се разгледа бројот на трансакции по административни општини, ќе се забележи дека најголем број трансакции се случиле на територијата на општина Карпош, односно 444 трансакции, во општина Центар се регистрирани 437, додека во општина Аеродром имало 398, а во Кисела Вода 263 продажби на станови. Најмал број на трансакции се регистрирани на територијата на општините Росоман и Арачиново – по 6 трансакции, општина Зрновци – 5 трансакции, во општините Конче, Зелениково и Лозово се регистрирани по 4 трансакции, во општина Новаци 3 трансакции, додека во општина Вевчани регистрирана е 1 трансакција, стои во извештајот од Регистарот на цени и закупнини.

Од 3.245 продажби на станови повеќе од една третина се во седум скопски општини – Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров.

Цените на становите  се  според пазарот. Таму каде што најмногу се продаваат, се и најскапи. Според претседателот на Здружението за градежништво Андреа Серафимовски најскап е квадратот во Центар, 1.000 евра. Но, ова е само за новоизградените станови.  Во Регистарот што го води катастарот се евидентирани трансакциите  и со стари и со нови станови и од нив е пресметана највисока просечна цена во Карпош, од 982 евра. Според реализираните купопродажби цената на станбениот квадрат е Центар е 973 евра, а трета според цената на станови е општината Аеродром каде што квадратот се тргува по 825 евра.

(С.В.)