Да донираме за „Топол дом за сите“ – кампања на „Проект среќа“

179

Топол дом за сите и реконструкција на живеалишта на семејства со деца, кои се во социјален ризик и нехумани животни услови е целта на новогодишната хуманитарна кампања создадена од Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа”.

Кампањата се состои од донаторски броеви и наменска сметка на кои граѓаните и компаниите ќе може да донираат, голем донаторски Телефон и песна со видео спот за дополнителна промоција на кампањата.

Со собраните средства ќе бидат реновирани живеалишта на семејства со деца кои се избрани по приоритетност, со фокус на руралните средини низ целата држава.

– Преку своите активности, како здружение сме имале можност да влеземе во многу социјално загрозени домови и да видиме во какви услови живеат децата и колку многу им недостига од основните животни потреби. Токму затоа решивме, нашата енергија да ја насочиме кон тоа, да организираме цела кампања во која ќе се обединиме сите, граѓани, компании, јавни личности и да собереме донации и средства за реновирање на домовите на најпогодени семејства и да обезбедиме минимум достоинствен живот и услови за децата од овие семејства. На некој начин кампањата ќе биде гласот на овие деца и повик до сите да се вклучат за да им обезбедиме топол дом. Затоа и го избравме периодот околу новогодишните празници, со цел празничниот дух и атмосфера да нè потсети дека сите заслужуваме среќа и топол дом – изјави Кристина Арнаудова основач и претседател на Здружението „Проект среќа“.

Кампањата официјално започнува на 19 декември, со промоција на песната и спотот која ќе биде поддршка на кампањата. Песната е испеана од деца кои најчесто се на улиците и крстосниците. Во спотот и песната главни ѕвезди се децата од Дневниот центар за деца од улица „Шуто Оризари” и Фаик, кој ја има и главната улога во спотот.

Кампањата ќе трае до 15 јануари кога ќе бидат отворени донациите и официјално ќе биде објавено колку средства се собрани и каде помошта ќе биде распределена.