Дански обвинители бараат голема парична казна и затвор за бизнис поврзан со Сирија

23

Данските обвинители денеска побараа казна од 54 милиони евра против компанија обвинета за кршење на ембаргото на ЕУ за гориво против Сирија, како и две години затвор за нејзиниот извршен директор.

Барањето за парична казна од 54 милиони евра против Дан-Бункеринг дојде за време на судскиот процес против компанијата за продажба на околу 172.000 тони авионско гориво на руски компании во 33 зделки меѓу 2015 и 2017 година. Ова гориво било доставено во Сирија, каде што го користеа авионите на руското воено воздухопловство кои се борат во граѓанската војна во земјата.

„Сериозноста на прекршувањето е јасно од фактот дека горивото ги наполни резервоарите на руските борбени авиони кои ја бомбардираа опозицијата против (сирискиот претседател Башар) Асад во негово име“, изјави обвинителот Андерс Рехендорф пред судот во Одензе.

За Келд Демант, извршен директор на матичната компанија на Дан-Бункеринг, Бункер Холдинг, се бара затворска казна.

Двете компании, како и нивниот шеф, се изјаснија дека не се виновни, велејќи дека немаат контрола врз тоа што нивните клиенти, бидејќи тие самите не биле предмет на санкции, правеле со горивото.

Но, Рехендорф рече дека Демант не обрнал доволно внимание кога ги добил информациите за соработка со руски компании во 2016 година.

„Дури и небрежноста може да биде основа за осуда, а обвинетиот мораше многу потемелно да истражи што се случува“, рече тој.

Износот од 647 милиони круни (87 милиони евра), кој произлезе од продажба на гориво, изнесуваше околу два отсто од приходите на компанијата во 2015-17 година.

Санкциите на ЕУ кои се во сила од 2011 година против сирискиот режим вклучуваат ембарго за гориво и замрзнување на средствата на централната банка на Дамаск што се чуваат во ЕУ