Данска планира да ги укине сите ковид-мерки до февруари

25

Данска планира следната недела да ги укине сите преостанати ограничувања против Ковид-19, откако слична најава имаа Велика Британија и Холандија минатата недела, и покрај големиот број на заразени со омикрон во Европа.

Земјата веќе ги олесни ограничувањата пред две недели, по едномесечното заклучување им дозволи повторно отворање на кината и концертните сали. Сепак, остануваат некои правила, како ограниченото работење на рестораните и задолжителното носење маски.

Во писмото до Парламентот, министерот за здравство Магнус Хеунике наведува дека Владата има намера да ги следи препораките издадени од експертски панел со цел да се укинат сите ограничувања до 1 февруари.

Ако одлуката на Владата биде одобрена од Парламентот тоа ќе биде најдалекусежното олеснување на ограничувањата меѓу нордиските држави.

Ноќните клубови може повторно да се отворат, а рестораните ќе можат да служат алкохол по 22 часот, гостите не мора да приложат ковид-потврда пред да влезат.

Патниците можат да се возат во автобус без маска, а продавниците можат да го укинат ограничувањето на бројот на клиенти.

Доколку измените бидат одобрени, во сила ќе остане само правилото за тестирање и изолација за влез во Данска, што ќе се применува уште четири недели.

Велика Британија, Ирска и Холандија објавија слични одлуки минатата недела за укинување на повеќето ограничувања против коронавирусот, иако бројките за инфицирани лица со омикрон остануваат високи.

Данска вчера потврди 46.590 новозаразени, нешто помалку од минатиот петок – 47.831. Бројот на хоспитализирани пациенти поради коронавирус се зголеми на 918, што е најмногу за една година.