Премиерот Христијан Мицкоски најави ново даночно олеснување за богатите мултинационални компании. Според најавата, стапката за корпоративен данок ќе се намали од 10 на 5% за компаниите што ќе консолидираат добивка во Македонија и ќе остваруваат профит поголем од 50 милиони евра.
Идејата е дека со намалување на данокот на добивка, во земјава ќе дојдат големи светски мултинационални компании, кои би се преселиле привлечени од ниските давачки.
Сепак, земјите од ЕУ, како и многу други држави во светот, на почетокот од годинава ги воведоа правилата за глобален минимален данок од 15 проценти. Овој данок ќе се одрази на најголемите 8.000 мултинационални компании ширум светот.
Тоа значи дека ако некоја фирма во Македонија плаќа данок од 5 отсто, матичната компанија ќе ги доплати останатите 10 отсто во земјата во која е сместена.
Ова би важело за компаниите што ќе отворат фирма во земјата и таа ќе биде мајка на други подружници, со што корпоративниот данок за сите нив би се плаќал во Македонија. Останува прашањето дали оваа мерка има цел да ја задржи атрактивноста на земјата за инвеститорите во контекст на новите правила на ОЕЦД за минимален данок.