Дали ќе се најде чаре за опасната јаловина од рудникот „Лојане“, како за линданот од ОХИС?

46

Жителите на Табановце кои со децении живеат покрај депонираната јаловина која се наоѓа на местото на некогашната топилница за руда до железничката станица Табановце, која е затворена во седумдесеттите години на минатиот век, можат да здивнат. Конечно, по години и години апели на табановчани државата да ја отстрани јаловината која содржи висока концентрација на арсен и претставува голема опасност за здравјето на луѓето и животната средина, Државниот инспекторат за животна средина ќе побара од ресорното министерство да отпочне активности за расчистување на овој историски опасен отпад.

– Отпадната јаловина од затворениот рудник за хром и антимон во Лојане претставува повеќедецениски проблем за жителите од Лојане како и за жителите на кумановското село Табановце и поширокиот регион во северниот дел на државата. Отпадната јаловина содржи висока концентрација на арсен и претставува голема опасност за здравјето на луѓето и животната средина. Поради влијанието врз животната средина, почвата, водата и непријатната миризба во воздухот, ДИЖС ќе достави допис до МЖСПП за отпочнување активности за расчистување на отпадната јаловина – информираат од Инспекторатот.

Токсичните материи од некогашната топилница во која се преработувал остатокот од оловоцинковата руда што се вадела од Лојане завршувале на нивите и никој досега не го отстранил отпадот. Жителите со години предупредуваат дека целиот реон е затруен бидејќи прашината се разнесува по нивите и ги контаминира земјоделските производи. Селаните велат дека испитувањата покажале дека во бунарските води во селото се има присуство на арсен што ги труе бавно. Многу семејства не се приклучени на стариот водоводен систем. Затоа бараат да се поврзат со вештачкото Липковско Езеро и од таму да се снабдуваат со вода.

Табановчани велат дека од јаловиштето се шири непријатна миризба и топлина. Изминативе години и децении имало случаи да им угинува стока, кучиња и мачиња, но најпогодени се пчелите. Во непосредна близина од јаловиштето се наоѓаа училиштето „Рилиндја“ и спортски игралишта. „Печат“ на нос кога ќе им се доближите на црвено-потокаловите купишта, а ако подолго време стоите во нивна близина, почнува да боли глава.

Во рамки на јаловиштето Лојане е и депонијата за концентрат на арсен и антимон со количина од околу 10.000 тони. Депонијата пред десет години била покриена со глина со што е делумно заштитена и таа интервенција чинела 300 илјади евра, но за целосна дислокација на јаловиштето со отровниот арсен, според физибилити студија на чешка фирма, се потребни од 4 до 6 милиони евра.

Јаловината е интерен отпад од напуштен рудник и спаѓа во 20-те жешки точки детектирани на ниво на државата во 1996-та година. Досегашни истражувања го потврдуваат овој простор како контаминирана зона.

(С.Бл.)