Меѓународниот фактор го стега обрачот околу Македонија, притискајќи ја земјава да го промени Уставот за да продолжи на евроинтергративниот пат. Слично како во периодот пред референдумот за промена на името на Република Македонија, странските дипломати ја најдоа земјава на географската карта и веќе ни малку дипломатски, отворено не предупредуваат дека мора да ги внесеме Бугарите во Преамбулата на македонскиот Устав, за да не ни го свртат грбот, но никој не гарантира дека и доколку го направи овој чекор, Македонија повторно нема да извиси и да остане пред вратите на ЕУ, како што се случи и покрај Преспанскиот договор и промената на уставното име. Од Нов АСНОМ излегоа со соопштение дека пораката на американскиот сенатор Крис Марфи дадена при неговата посета на Република Македонија, но и на амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, се скандалозни и без преседан. Велат ниту тие, ниту претседателот Бајден и неговата администрацијата немаат разбирање за чувствата на македонските граѓани, а уште помалку за македонските национални интереси и идентитетски проблеми што се јавија со Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
Кој стратешки партнер се заканува?
-Македонските граѓани оправдано се прашуваат каков е тој стратешки партнер кој се заканува и поставува ултиматуми и кој не ја препознава и почитува огромната посветеност на Македонија кон евроатланските интеграции и европскиот пат, но и болните отстапки што се направени во таа насока. Зошто тие немаат чувство за валоризирање на тешките одлуки и политички отстапки што Македонија, на своја штета ги направи за напредување во евроатлантските интеграции? Сенаторот Марфи треба да знае, навистина да знае, дека нашиот пат кон ЕУ е премногу долг и дека нивните стратешко-пријателски „совети“, за уставните измени што треба Македонија да ги направи до крајот на годинава, а кои ни ги наметнаа како обврска по ќеифот на нашиот источен сосед – најсиромашната членка на ЕУ, до срж болат и ја параат душата на секој вистински Македонец, стои во соопштението од Нов АСНОМ.
Оттаму потсетуваат дека Македонија „заглави во европската интеграција како резултат на неисполнувањето на обврските кои Западот, чиј предводник е САД, ги имаше кон нас. САД и ЕУ на Македонија ѝ ветија почеток на преговорите со ЕУ ако го промениме уставното име, нашето вековно име, Република Македонија. Оваа политичка гарнитура, ја свитка кичмата, името го дадоа, против слободумната волја на народот, изразена на 30 септември 2018. САД и ЕУ и Западот во целина, даденото ветување за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, не си го исполнија”.
-Со ова се потврдува дека на Западот не треба да му се верува, дека Западот не ги исполнува своите договори со своите сојузници и стратешки партнери и дека, Западот е нестабилен наш сојузник. Кога на сето ова ќе ги додадеме и срамните идентитетски уцени, содржани во францускиот предлог, тогаш апсолутно е јасно зошто е огромна и оправдана нашата тотална скептичност спрема понудениот пат кон ЕУ. Јасно и гласно го отфрламе вака понудениот т.н. пат кон ЕУ каде што ние – Македонците, треба самите да се откажеме од себеси, се вели во соопштението на организацијата Нов АСНОМ.
Проектот за Судскиот совет во мирување
Изминатиот викенд и амбасадорот на Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, излезе со убедувања дека уставните измени се гаранција за почеток на преговорите и дека нема да има ново вето. Сепак, Јан Хоп предупреди дека користењето на европското знаме за законите за „Бехтел и Енка“ може да има последици на натамошниот евроинтегративен процес, затоа што во овој случај не се работи за усогласување со европското законодавство, што значи дека и кога земјава би ги почнала преговорите, во текот на преговарачкиот процес која било земја членка може да не блокира. Холандскиот амбасадор вели дека спроведувањето на реформите е најважно, но и тука Македонија доби критики дека потфрлила. Според него, нема напредок во борбата против корупцијата, а работите се влошуваат и во правосудниот систем, поради што Холандија ставила во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет, кој за нив „стана нелегитимно тело“. Се поставува прашањето дали ова е најава за ново холандско вето во иднина?
Уставни измени до крајот на годинава
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, пак, изјави дека е јасна и важна пораката на американскиот сенатор Крис Марфи дека тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции треба да се направат до крајот на годинава.
–Сметам дека неговата порака е важна, дека доколку тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… кои ќе се прашуваат колкава е посветеноста на вашата земја во однос на евроатланските интеграции и европскиот пат. Затоа нема потреба од толкување на неговата изјава, верувам дека беше многу јасен, одговори Агелер на новинарското прашање.
По средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата минатата недела, американскиот сенатор Крис Марфи даде јасни насоки за промена на македонскиот Устав. Сенаторот Марфи, кој е член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, ги нарече уставните измени технички и предупреди дека ако земјава не ги направи измените, тоа ќе има влијание и врз односите со САД, а таквата одлука ќе ги загрижи и членките на НАТО. Тој порача и дека војната во Украина предизвикала криза, но истовремено ја разбудила Европската унија за потребата да ги остави вратите отворени, што е нова реална можност за проширување, а Украина не може да влезе во ЕУ ако не влезат и земјите од Балканот.
Претходно, овој месец, и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, дојде во Скопје на средби со државниот врв и со дел од партиските лидери за да го опипа пулсот за уставните измени, но експресно доби одговор од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, чиј став е клучен во случајов, дека во овој пратенички мандат нема да има промена на Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ пред Сарацин го изнеле и аргументот оти 85 проценти од македонскиот народ е против ваквото наметнато уценување и барање за промена на Уставот.
Македонија се соочи со силна странска дипломатска офанзива и пред референдумот за промена на името во 2018 година. Тогаш дури и францускиот претседател Емануел Макрон преку видеообраќање и тогашната германска канцеларка Ангела Меркел при историската посета на Македонија, пред референдумот, нè убедуваа дека референдумот е историска шанса и промената на името ќе ги отвори портите за Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Македонија доби покана за Алијансата и се приклучи кон најмоќниот воено-политички сојуз во светот, но членството во европското семејство сè уште е недостижно. (В.С.Н.)