Дали учебната година ќе стартува на 1 октомври?!

Здравствените власти не ја исклучуваат можноста за одложување на најавениот почеток на учебната година со физичко присуство. Реакцијата следува откако беа отоврени градинките, а во првите денови се појавија слуачи на заразени со коронавирус меѓу вработените. Министерот за здравство Венко Филипче, вчера, изјави дека будно се следи состојбата и можно е на 1 октомври да останат затворени вратите на училиштата.- Во моментот сите училишта се подготвуваат за старт на учебната година на први октомври. Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од први до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и средни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Станува збор за динамичен процес кој што се следи на дневно ниво од Комисијата за заразни болести и во зависност од епидемиолошката состојба ќе се изнаоѓа најсоодветното решение, информираа вчера за весникот ВЕЧЕР од МОН.

202

Здравствените власти не ја исклучуваат можноста за одложување на најавениот почеток на учебната година со физичко присуство. Реакцијата следува откако беа отоврени градинките, а во првите денови се појавија слуачи на заразени со коронавирус меѓу вработените. Министерот за здравство Венко Филипче, вчера, изјави дека будно се следи состојбата и можно е на 1 октомври да останат затворени вратите на училиштата.

„Сите опции се можни. Ние ја следиме епидемиолошката ситуација секој ден и правиме пресек еднаш неделно“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

По неполна недела откако беа отворени градинките, овие установи пријавиа три случаи на заразени со корона вирус. Негувателка од градинката во Битола во домашна изолација испрати пет деца, три негувателки и две воспитувачки.
Под епидемиолошки надзор е и градинката Раде Јовчевски Корчагин во Скопје откако една вработена непосредно пред отворањето на установата пријавила дека е позитивна на вирусот. Неколкумина вработени заминале во домашна изолација и чекаат да помине периодот од седум дена препорачан од епидемиолозите како клучен за појава на симптоми..

Според последните информации од МТСП досега нема пријава дека некој од нив добил симптоми на вирусот.

Инаку, на 26 минатиот месец, Владата донесе одлука со која го пролонгира почетокот на учебната година за еден месец, односно наместо на 1 септември , училишните врати да се отворат на 1 октомври. Физичко присуство се однесува само за децата од прво до трето одделение, со согласност од родителите, додека за сите останати ученици, учебната година ќе биде онлајн. Ќе се следи епидемиолошката состојба и врз основа на бројот на заболените, ќе се носат одлуки, за комбинирана настава и за учениците во повисоките одделенија.

Училиштата се подготвуваат за 1 октомври за онлајн настава, а дали ќе започне и наставата со физичко присуство, зависи од епидемиолошката состојба за што мислење ќе даде Комисијата за заразни болести, а крајна одлука е на Владата.
-Во моментот сите училишта се подготвуваат за старт на учебната година на први октомври. Со физичко присуство ќе стартуваат учениците од први до трето одделение согласно протоколите и планот, а на предлог на владината комисија, Владата ќе одлучи на кои основни и средни училишта ќе им дозволи да спроведуваат настава со физичко присуство. Сите останати кои не ги исполнуваат условите пропишани во протоколите наставата ќе ја спроведуваат преку онлајн платформа. Но сепак, станува збор за динамичен процес кој што се следи на дневно ниво од Комисијата за заразни болести и во зависност од епидемиолошката состојба ќе се изнаоѓа најсоодветното решение, кое треба да биде баланс помеѓу заштитата на јавносто здравје и учењето, велат за весникот ВЕЧЕР од Министерство за образование и наука.

Формирана е и работна група во којашто учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата. Таа ја следи состојбата и дава мислење за подготвеноста на основните и училишта за спроведување на наставата во услови на ковид-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство.

Од вчера во Регионот се врати џагорот во ученичките клупи
Со строги протоколи, со лице задолжено за ковид-19, вчера започна учебната година во Грција. Одделенијата и класовите ќе бидат во полн состав, односно со присуство на сите ученици. Наставата ќе се одвива со маски, антисептици, шише за повеќекратна употреба за вода за секој ученик, со одржување на потребното растојание и под здравствени правила и протоколи, но и со лице одговорно за ковид-19 во секое училиште.

За децата и учениците од четири до 18 години, односно во забавиштата и градинките за деца од четири до шест години, како и во основните и средните училишта, но и за наставниците и професорите, задолжителна е употребата на маска, која ќе биде бесплатна за сите. Надлежните министри во изминатите денови порачаа дека ако некој од учениците не носи маска, тогаш нема да може да ја следи наставата и ќе добие неоправдано отсуство.

Слично е и во Косово. Секоја образовна институција формира сопствена работна група која ќе дејствува на дневни основи, поделени се учебниците и подготвени се сите наставници за настава од дистанца. Сите се задолжени да носат маски. МОН подели околу половина милион маски во училиштата низ Косово. Околу 300 наставници, кои се во тешка здравствена состојба, нема да учествуваат во процесот, но ќе примаат плата.

Во Албанија наставата ќе се одвива комбинирано, една недела со физичко присуство, една недела онлајн. На ученичка клупа во Албанија, вчера, седнаа 430.000 основци и средношколци, од нив над 31.000 првачиња. Сите задолжително треба да носат заштитна маска, да вршат дезинфекција на рацете и обувките и да одржуваат физичка дистанца. До сите училишта Министерството за образование, спорт и млади веќе доставило формулари, што „под лична одговорност“ секој ученик треба да го пополни со податоци дека не е заразен ниту имаат некој заразен член во семејство. Истото треба да го сторат и нивните родители.

И во Романија наставата се одвива комбинирано. Околу 2,8 милиони ученици ќе ја следат наставата во посебни услови поради пандемијата со новиот коронавирус. Дел од учениците наставата ќе ја следат од дома, други по хибриден систем, а трети ќе одат во училиште.

Во 12 италијански региони почна новата учебна година, по шестмесечна пауза поради пандемијата на ковид-19, а во некои области е одложен почетокот на наставата. Враќањето на училиште е голем тест за Италија и антиковид правилата на земјата кои беа подготвени во текот на летото.

Заштитни маски за деца постари од шест години се задолжителни, а маските за децата и вработените во училиштата треба да ги обезбедат училиштата, но се препорачува учениците секогаш да носат резервна маска, по можност хируршка, иако е дозволена и платнена.

Враќањето на децата во училиште за време на пандемијата е важен чекор за Италија, првата европска земја што воведе строги мерки за карантин на целата територија на почетокот на март поради ковид-19, и по околу три месеци постепено ја укинуваше блокадата.

СЗО: Октомври и ноември ќе бидат тешки за Европа во смисла на коронавирусот
Светската здравствена организација (СЗО) очекува зголемување на бројот на смртни случаи од ковид-19 во Европа во текот на октомври и ноември, период, кој според нејзините предвидувања ќе биде „потежок“ што се однесува до епидемијата, изјави вчера за Франс-прес, директорот на европскиот огранок на организацијата, пренесува Бета.

– Работите ќе станат потешки. Ќе видиме поголема стапка на смртност во октомври и ноември, изјави Ханс Клуге.
Се очекува зголемување на бројот на смртни случаи на дневна основа поради зголемувањето на бројот на случаи на инфекција со повторното ширење на епидемијата во Европа, наведе СЗО.

– Сега сме во момент кога земјите не сакаат да слушаат ваква лоша вест, јас го разбирам тоа, рече шефот на европскиот огранок на СЗО, кој посочи дека сака да испрати „позитивна порака“ дека пандемијата „ќе запре во одреден момент“.
Високиот функционер во организацијата, чие седиште е во Копенхаген, ги предупреди оние кои сметаат дека крајот на епидемијата ќе се совпадне со развојот на вакцината, која сè уште се развива.

– Постојано слушам дека вакцината ќе означи крај на епидемијата. Секако дека не, рече Клуге.

– Ние дури и не знаеме дали вакцината ќе биде ефикасна во сите делови од населението. Некои знаци што ги добиваме се дека ќе биде ефикасна за некои, но не и за други. И ако треба да нарачаме различни вакцини одеднаш, каков логистички кошмар, предупреди Клуге.

Тој рече дека крајот на пандемијата ќе биде во моментот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со таа пандемија.