Дали Мицкоски и Ковачевски можат да се најдат на иста фреквенција?

76

Двајцата најголеми  противници во политиката, Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски, во среда седнуваат на разговор во четири очи. Лидерите на две најголеми партии по подолг период ќе седнат на заедничка маса, но очекувањата се дека и оваа средба нема да донесе некакви поместувања во врска со уставните измени.

И Ковачевски и Мицкоски на средбата тргнуваат со различни позиции и очекувања. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека до соочувањето со политичкиот противник, Мицкоски, ќе изврши широки консултации со пратеничката група, коалицијата и Извршниот комитет. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор. Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што потоа – по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вчера, на средба со Христијан Мицкоски ги реафирмираше ставовите за неприфаќање на уставните измени.

-Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани. Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните, побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

На лидерската средба што во среда во 11 часот ќе се одржи во Клубот на пратеници ќе се сретнат на тет-а-тет средба премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Форматот на средбата го избрале ВМРО-ДПМНЕ, откри премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека во поканата, која ја испратиле до ВМРО-ДПМНЕ, било оставено тие да изберат во кој формат ќе се одржи средбата.

„Во зависност од тоа дали имаат доверба меѓу себе, па смеат да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба, јас оставив да одлучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие го избраа форматот, средбата ќе се случи во 11 часот во среда“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека на средбата ќе се разговара на две теми, од кои едната е носење одлуки за европските интеграции на државата, а втората е активностите на сите политички чинители во државата во однос на односите со соседите.

-Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија, ќе поддржат одлука која ќе овозможи државата да се интегрира во ЕУ, по интегрирањето во НАТО. Заклучоците се едноставни, на една страна има интеграција на Македонија, а на другата страна изолација“, рече Ковачевски.

На новинарско прашање што очекува од средбата, премиерот рече дека очекува отворено да поразговара со Мицковски на овие две теми.

Ковачевски е дециден дека предвремени избори нема да има, за тоа нема да се разговара ниту на средбата.

„Избори ќе има во редовниот термин, прво претседателски, па парламентарни. Постапката за уставни измени е јасна. Иницијативата од работната група е доставена до Министерството за правда, тие ќе ја проследат до Владата, таму ќе се разгледа. Па ќе се достави до Собранието, каде што се отвора процедура за уставни прашања, па пленарна седница. Изразувам надеж дека сите пратеници ќе ги застапуваат интересите на граѓаните“, додаде тој.

Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени, имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.

Владата ја доби Предлог-иницијативата за устави измени од Министерството за правда и таа ќе биде разгледана до крајот на неделава, најверојатно на посебна владина седница, брифираат од влада за весникот ВЕЧЕР.

Работната група уште пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.

Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.     (Ј.Ц.Г.)