По објавените податоци од американскиот Стејт департмент дека процентот на одбиени визи за Македонија во 2022 година изнесувал 26,29 отсто, Министерството за надворешни работи вчера соопшти дека е започнат процес за присоединување на земјава кон програмата за САД за безвизен режим (Visa Waiver Program). Високиот процент на одбиени визи, според МНР, се должи на несоодветните апликации, и најави дека наскоро планира да започне кампања за едуцирање на граѓаните како треба да аплицираат. Во извештајот на Стејт департмент за процентот на одбиени барања за виза за САД во 2022 година, поголем процент одбиени, во однос на Македонија (26,29), во регионов имаат само Албанија(27,55) и Црна Гора(34). Најмалку одбиени барања за визи има Хрватска (5,56), а потоа следуваат: Словенија (13,47), Косово (17,93), Србија (19,45) и Босна и Херцеговина (20 отсто).
– Со одлука на Владата, формирана е меѓуресорска работна група предводена од Министерството за надворешни работи, која се состои од претставници и на други релевантни институции, кои работат на исполнување на условите за воспоставување безвизен режим со САД. Условите се однесуваат на различни области, но еден од клучните е процентот на одбиени визи да изнесува најмногу три проценти. Во тој контекст, нагласуваме дека високиот процент на одбиени визи од безмалку 30 проценти се должи на несоодветните апликации, за што планираме наскоро да започнеме кампања за едуцирање на граѓаните за процесот на аплицирање и за условите што треба да бидат исполнети со цел добивање виза за САД – информира МНР.
Оттаму дополнуваат дека процесот на укинување визи за влез на државјаните на Северна Македонија во САД е долгорочен и комплексен и оти налага континуирани активности на што, потенцираат, посветено работиме.
– Воедно, приклучувањето на Северна Македонија во програмата за безвизен режим стана дел од стратешкиот дијалог со САД и е меѓу проектите во акцискиот план, што беше усвоен на владина седница во февруари оваа година. Постигнувањето на оваа цел ќе биде од корист за економскиот развој на земјава, а ќе внесе и дополнителен импулс за зајакнување на билатералните односи и стратешкото партнерство, како и доближувањето на народите од двете земји – соопшти Министерството за надворешни работи.
Македонското МНР смета дека причина за одбивање на повеќе од една четвртина од апликантите за виза во САД е неинформираноста за начинот на поднесување барање. Но, според дипломатски извори, ова е само една од повеќето нешта што треба да се променат за безвизно патување во САД. Дел од познавачите на состојбите ја наоѓаат вината во скандалозното издавање голем број фалсификувани пасоши.
Дипломатски извори истакнуваат за весникот ВЕЧЕР дека процесот за безвизно патување во САД бара повеќе време за создавање цврста доверба кон македонската држава и нејзините граѓани, потсетувајќи на сличните процеси во Словенија и во Хрватска. Големиот број одбиени граѓани не се должи само на неинформираноста на граѓаните околу визните апликации туку и поради сомнението дека тие би можеле да останат во САД и по истекот на визата, како и фактот што дел од граѓаните што веќе еднаш биле одбиени, многу бргу потоа повторно аплицираат. САД, преку своите конзуларни служби, според овие извори, го градат ставот околу строгоста во однос на издавањето визи во одредена земја, во зависност од тоа колкав дел од граѓаните што добиле виза го почитувале нејзиниот рок, а колкав дел се задржале подолго пред да се вратат или, пак, останале и покрај истечената виза за престој. Секако дека и економската стабилност на државата, како и безбедносните проверки при издавањето паспорти во државата, влијаат врз олеснувањето на визниот режим, додаваат. Според информациите во последно време, нашите дипломатски извори посочуваат дека дел од граѓаните многу полесно веднаш добиваат подолготрајни визи за престој и работа во САД.
На обидот на македонското МНР да ја лоцира вината за многуте одбиени барања за американска виза во несоодветните пријави на граѓаните, жестоко реагираше дипломатот Арсим Зеколи.
– Министерот за надворешни работи Бујар Османи ветува „работна група“ што ќе го решава скандалот со големиот број одбивања визи за влез во САД. Вели дека се „виновни граѓаните, не знаат да ги пополнат формулите, ќе ги едуцираат. Не, батко. Вината се состои во големиот број фалсификувани пасоши. И користени од трговци, мафијаши, гангстери. Кажи ни, Бујар, колку тешко Али Ахмети ја добил визата за влез во САД! И колку часа се потребни за да се добие дозвола за влез во авионот? А, кој друг од вашата партија е одбиен за виза? – коментираше поранешниот амбасадор Зеколи преку социјалните мрежи.
(И.С.)