Американската разузнавачка заедница објави резиме на извештајот за резултатот од истрагата за потеклото на коронавирусот. Според нивните наоди, вирусот е со природно потекло, се појавил во ноември 2019 година, а кинеските власти не знаеле за него пред избувнувањето на епидемијата во Вухан.
„САРС-КоВ-2, вирусот што го предизвикува Ковид-19, најверојатно избувнал со инфицирање на луѓе преку првична изложеност од мал обем што се случила најдоцна до ноември 2019 година, со првиот кластер во декември во Вухан, Кина “, објави канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка заедница.
Вирусот не е создаден како биолошко оружје, се вели во извештајот.
„Повеќето разузнавачки агенции проценуваат, но со резерва, дека вирусот најверојатно не е генетски модифициран. Сепак, двете агенции веруваат дека нема доволно докази за такво тврдење. Исто така, кинеските службеници немале сознанија за вирусот пред да се појави инфекцијата во Вухан“, се вели во извештајот.
Кога станува збор за начинот на кој се случило првичното изложување на вирусот, американските разузнавачи веруваат дека се можни теории и за природниот пат и за „истекувањето“ од лабораторија.
Четири американски разузнавачки агенции, со резерва, проценија дека вирусот се пренесувал на луѓето од животни. Една агенција, од друга страна, е убедена дека вирусот преминал на луѓето како резултат на инцидент во лабораторија, и дека најверојатно се работи за експерименти, контакт со животни или контакт со примероци во лабораторијата во Вухан, се наведува во извештајот.
Соработката со Кина ќе биде неопходна за конечно да се утврди потеклото на вирусот, се заклучува во извештајот на американското разузнавање.