Состојбата на северот на Косово, која повторно зовре вчера наутро, по судирот меѓу косовската полиција и вооружена група кај селото Бањска, многу бргу вечерта доби одглас и во Скопје. На плоштадот „Скендербег“, група непознати лица поставија транспарент на кој на албански јазик стои пораката дека орелот има две глави, а едната е во Митровица. Според аналитичарите со ова се потврдува радикалната врска на релација Скопје-Приштина и нашите безбедносни органи со максимална будност треба да го спречат можното прелевање на кризата кај нас.
Според безбедносниот аналитичар доц. д-р Александар Нацев, декан на ФДК на „Европски универзитет“, судирот меѓу маскирани и вооружени лица и косовската полиција кај Бањска, при што беа убиени еден полицаец и тројца напаѓачи, е резултат на растечката напнатост меѓу Косово и Србија.
„Случувањата во Косово доаѓаат како последица на постепеното затегнување на односите на релација Белград-Приштина и во еден момент на заострена реторика помеѓу двете држави. Нормално, кога има крвопролевање, реториката за момент паѓа во втор план, и почнува да се анализира конкретното случување, кое, за жал, заврши со неколку човечки жртви и ги крена на нозе безбедносните и разузнавачките органи на околните држави. Но, освен службите, овие случувања ги разбуди или ги мотивираше и радикалните структури, кои со помош на медиумите и јавно изразија поддршка за случувањата на Косово. Она што се случи на плоштадот „Скендербег“, по не знам кој пат, ја потврдува радикалната врска на релација Скопје-Приштина и треба да ги зајакне интересите на нашите безбедносни органи, за тоа дали може да има безбедносни импликации и во Македонија. Мислам дека освен ваквата поддршка нема да има некои сериозни инциденти, и дека не е нарушена безбедносната состојба во Македонија, но сепак треба да се оддржи максимална будност и нашите безбедносни органи да ја следат ситуацијата“, изјави за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Нацев.
Непознати лица вчеравечер на плоштадот „Скендербег“, во Скопје, истакнаа транспарент со порака поврзана со инцидентот во Косово.
-Долга река Ибр. Крв од планина. Две глави има орелот, а една е во Митровица“, пишуваше на транспарентот кои го држеа десетина лица со заматени лица, на фотографијата објавена на социјалните мрежи, на која се гледа и албанското знаме.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети нападот во Косово го оквалификува како сериозна провокација, со однапред одредена агенда, што може да има и регионални последици. Потребна е итна акција, додава тој, за гаснење на малигниот пожар кој има за цел проширување и вклучување на регионот.
„Убиствениот напад врз Косово и полицијата во земјата е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион.Најостро го осудувам нападот на косовската полиција и убиството на полицаецот како и ранувањето на други лица утринава на северот на Косово “, пишува Ахмети на социјалните мрежи.
Од МНР денеска информираа дека седумте македонски државјани кои престојувале во хотел, во близина на судирот вооружениот инцидент во Косово, по безбедносните проверки се упатиле кон Македонија.
„По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи вооружениот напад врз полицијата“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој веднаш по инцидентот го осуди нападот и повика „чинот на насилство да биде темелно истражен и гонет“.
-Најостро го осудувам убиството на полициски службеник на должност на северот на Република Косово. Моето сочувство до семејството и пријателите на убиениот офицер и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените. Овој чин на насилство мора да биде темелно истражен и гонет. Стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат нарушени од акти на насилство. Безбедноста на граѓаните е пред сѐ, напиша Османи на својот фејсбук-профил.
И министерката за одбрана, Славјанка Петровска ги осуди инцидентите на северот од Косово, искажувајќи целосна поддршка на КФОР.
-Силна осуда за инцидентот кој се случи денес во Косово и за сите оние кои придонеле за тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот, напиша Петровска на објавата на Фејсбук.
Состојбата во северно Косово и понатаму е мошне тензична, а транспарентот на плоштадот Скендербег е доказ за радикалните албански врски на релација Скопје-Приштина. Слични сигнали имаше и за време на неодамнешната „приватна“ посета на косовскиот премиер Албин Курти на Чаир и на Тетово, проследена со провокативни моменти и јасно изразено непочитување на македонската држава.
(И.С.)