Момчето кое има протеза и кое со срам ги одбива пораките кои секој ден ги добива од атрактивните старлети е на добар пат да го реализира трансферот вреден 126 мил. евра иако само една година игра за сениорскиот тим.
Талентираниот 19-годишен Португалец, Жоао Феликс, го привлече вниманието и на аргентинскиот стручњак, Диего Симеоне, кој покажа дека нема да жали пари за неговиот трансфер.
Иако станува збор за голем талент, голем е бројот на тие, пред сè на фудбалски стручњаци, кои се прашуваат дали Феликс навистина вреди 126 мил. евра?
Доколку дојде до реализација на овој трансфер, Феликс ќе биде четвртиот најскап играч во фудбалската историја, веднаш зад Неимар, Килијан Мбапе и Филипе Кутињо.
Португалските се убедени дека го имаат новиот Руи Коста, мајсторот со топка, кој играше со невидена леснотија и секогаш имаше прецизно додавање.
Прегледноста му е можеби најсилното оружје на стандардниот првотимец во дресот на Бенфика, а според европските медиуми, кои се импресионирани од неговиот талент, сметаат дека Феликс со конституцијата многу потсетува на легендарниот француски фудбалер, Тјери Анри.
Способен е со само еден потег да го исфрли противничкиот фудбалер од игра, доволно е брз, со и без топка, а тоа му дава една дополнителна доза на атрактивност. Го краси неверојатна креативност и ужива во улогата на додавач, Станува збор за фудбалер кој однапред ги знае потезите на своите тимски колеги и на противничките играчи.
На одиграните 43 натпревари во изминатата сезона постигна 20 погодоци и запиша 11 асистенции, бројки кои се фантастични ако се знае дека Феликс ја одигра дебитантската сезона за сениорскиот тим на Бенфика. Болката на таквите уметници најчесто е послабата игра во дефанзивата. Сепак, тоа не се однесува и на Феликс, кој има уште многу за учење, затоа што е млад и нема проблем да игра малку поповлечено. Доволно е агресивен и го има потребниот потенцијал да биде комплетен играч за врска во двете насоки.
Секој тренер посакува таков фудбалер во своите редови, а предводникот на Атлетико (М) е познат по тоа дека не соработува со играчи кои не се комплетни во двете насоки. Поради тоа Феликс е барана роба иако има само 19 години.
Бенфика се обиде да се заштити со ослободителна клаузула од 120 мил. евра, но шпанскиот гигант понуди 6 мил. евра повеќе.
- Добивме понуда во висина од 126 мил. евра за аквизиција на спортските права на играчот Жоао Феликс. Понудата ќе биде анализирана. Доколку биде прифатена, на денот на реализација на трансферот Бенфика ќе добие 120 мил. евра. Останатите шест милиони евра се однесуваат на најразличните уплати и бонуси, стои во официјалното соопштение на португалскиот клуб.
Сега на потег е Атлетико (М), а Феликс и понатаму е мирно дете.
- Не се разбирам околу тие цени, трансфер-пазарот и буџетот. Јас само играм фудбал и моментално сум играч на Бенфика. За сè останато се грижи претседателот на клубот. Колку вредам? Доволни се 2 мил. евра, изјави Португалецот.
Големиот талент откри дека сака да остане во редовите на Бенфика дека Кака, Кристијано Роналдо и Неимар му се идоли. Феликс призна дека откако станал славен на Инстаграм добивал слики од голи девојки, но не прифатил ниту една слика.