Дали Владата утре ќе го разреши раководството на М-НАВ?!

67

Владата пред Божиќните празници најави дека на 9 јануари на редовна седница ќе го разреши целото раководство на М-НАВ, по скандалот со упад на надворешни лица во контрола на летање, напад врз вработени загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје. Ова е пораката која што претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски ја испраќа пред одлуката на Владата, која што на утрешната  седница се очекува да пресече околу случувањата во М-НАВ, откако директорите коишто беа прозвани од синдикатот, сами не поднесоа оставки на своите функции. Од оставките зависи и натамошниот тек на настаните. Ако не бидат разрешени директорите, синдикатот порачува дека нема друга опција, освен да се затвори небото  од среда (10 јануари), пред сè заради безбедноста на патниците. Штрајкот би траел се до исполнување на нивните барања.

Обвинителството објави дека до Кривичниот суд ги приложиле сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени за упадот во М-НАВ да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и да го повторат делото, но и детално образложиле зошто изрекувањето само на мерки на претпазливост од страна на судот е неосновано. Од Обвинителството велат дека во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување.

Ракцијата на Обвинителството следи откако претходно Кривичниот суд обралозложуваше зошто донел мерки на претпазливост за осомничените, а не притвори како што побара Обвинителството.

Од судот тврдеа дека Основното јавно овинителство не доставило докази дека бил загрозен воздушниот сообраќај на 4 јануари, кога Беким Незири и уште седум лица упаднаа во Контролната кула, а контролор за летање беше натепан на работното место.

Според судот, во овој момент од доказите НЕ прозилегува дека осомничените со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.

Судот заклучува дека според доставените докази произлегува оти осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контекст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање.

Обвинителството бараше притвор, а судијата на претходна постапка Пајазит Пајазити, кој бил дежурен вечерта на 5-ти јануари кога осомничените беа спроведени во Кривичниот суд, одреди мерки на претпазливост.

Во петокот, директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди го нарече упадот „мало кошкање како што има во секоја фирма“!

Универзитетскиот професор Борче Давитковски во изјава за ТВ Телма  оцени дека во случајот со М-НАВ потфрлија инстуциите кои што се партизирани и кои не одговараат пред Уставот на државата и пред законите, ниту пред граѓаните, туку се во функција да ги поддржуват политичките партии. Според него, Владата доцни со разрешувањето на раководството на М-НАВ.

Професорот Давитковски вели дека еклатантен пример е токму упадот во М-НАВ каде што се виде дека сите институции потфрлија, почнувајќи од обезбедувањето на М-НАВ, потоа МВР кои требаше веднаш да ги уапсат насилниците, се до Владата која е надлежна за ова акциенерско друштво во државна сопственост.„Владата требаше веднаш да одржи вонредна седница на која ќе ги разрешеше директорите на М-МАВ, а не да се дозволи дури утредента да држат безвезна прес-конференција на која не кажаа ништо, односно ги бранеа осумте насилници кои што влегоа во институцијата“, вели Давитковски во изјава за ТВ Телма. Тој предупредува дека за еклатантното кршење на законот може дури и да го изгубиме и небото.

„Фала богу што не се судрија авиони, па цел буџет ќе отидеше да плаќаме материјална штета. Најверојатно Еуроконтрол ќе преземе мерки и санкции “, изјави за ТВ Телма професорот Давитковски.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски,  вели дека ако се случеше упад во контролата за летање во Вашингтон или Берлин, бандитите ќе беа уапсени или ликвидирани -Замислете што би се случило кога ваква бандитска група би упаднала на вашингтонскиот аеродром или на аеродромот во Париз, или на аеродромот во Берлин. Или сега би биле уапсени или би биле ликвидирани, изјави  Мицкоски.

Демократскиот сојуз денеска најостро ги осуди обидите на власта да ја релативизира одговорноста за упадот во Контролната кула за летање на Аеродромот во Петровец, „Да се тврди дека со упадот и насилството на осуммина бандити на ДУИ во Кулата за контрола на летање не се загрозува воздушниот сообракај е театар на апсурдот, бидејќи аргументиран и издржан став презентираа и експертите. Но, не треба да бидеш експерт за да знаеш дека со неовластен упад и насилство спрема контролорите за летање директно е загрозен авиосообраќајот. Само среќата спасила можна катастрофа, Сакаме посебно да укажеме на причините за „бегството“ на еден од тепаните, кој бил под силен притисок и закани да не дава изјава пред Јавниот обвинител.

Да потсетиме на идентичен случај во 2010 година, кога Беким Незири претепал контролор на летање, потоа го избркале  и него и неговата сопруга од работа, по што тој избегал во една од скандинавските земји.Затоа Владата мораше да ги разреши директорите на М-НАВ, Беким Незири да биде суспендиран од работното место во М-НАВ, а Судот на сите осуммина да  им определи притвор, стои во денешната реакција на Демократски сојуз.

 

Милошоски:Скандалот со М-НАВ уште еднаш покажа дека оние кои незаслужено станале обвинители и судии се тие кои ја рушат довербата во правосудството

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на социјалните мрежи обвини дека последниот скандал со М-НАВ покажал дека оние кои незаслижено станале обвинители и судии се тие кои ја рушат довербата во правосудството.

„Имено, на 22ри јануари се полага главниот квалификациски тест за 130 слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Но, за да може оние од списоците на ДУИ&СДСМ да поминат со максимум бодови, владата донела заклучок квалификацискиот тест да се полага писмено, наместо електронски“, напиша тој.

Тој обвини дека тоа е спротивно на членот 39 од Законот за АСЈО каде изрично е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат, а се со цел да не може некој од Управниот одбор на АСЈО да им ги доодговори прашањата на владините фаворити за судии и обвинители.

„Владата се брза да протне уште 100тина свои обвинители и судии, бидејќи знае дека е во заминување. Но, Директорката на АСЈО, Габер, како и членовите на Управниот одбор треба сериозно да размислат дали ќе постапуваат по заклучокот на владата или ќе ги почитуваат законските обврски за полагањето на квалификацискиот тест. Како поука може да им биде случајот на Мухамед Зеќири, кој како генерален секртар на владата предност им даваше на владините заклучоци, наместо на законските норми, но потоа не заврши славно“, стои во неговата објава.