Дали Ванчо Михајлов е (у)цената за бугарското вето?!

418

Се рушат и последните надежи за пристоен дијалог и се зголемува расколот меѓу Македонците и Бугарите. Името Ванчо Михајлов на бугарскиот културен клуб во Битола испрати и порака, која не само што нема никаква врска со културата туку е срам, провокација и чин на непријателство. Последнава од серијата провокации на бугарските политичари ги разгори реакциите кои сѐ уште не стивнуваат во јавноста. Ги распрсна и македонските европски надежи кои беа создадени поради оптимизмот на премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, дека може да се постигне договор и дека до јуни, односно до крајот на европското преседателство, може да се случи да го добиеме долгоочекуваниот датум.

Ниту копретседателот во заедничката македонско-бугарска Историска комисија, професорот Драги Ѓоргиев, не е оптимист. Тој  вели дека се случи чин кој ги минира и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. Смета дека именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името „Ванчо Михајлов“ не претставува ништо друго освен смислена провокација, па дури и чин спротивен од пријателство.

– За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог. Уште потажно е и тоа што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народа – оценува Ѓоргиев.

Неговиот колега Тодор Чепреганов потсетува на историските факти дека Бугарија била не само фашистичка туку и нациофашистичка држава и прашува зошто клубот е отворен токму во Битола и дали пробугарската струја е најсилна во Битола.

– Зошто Петков и неговата политичка свита вчера не отидоа да се извинат и да се поклонат на споменикот на 3.000 Евреи кои беа депортирани од Битола, а дојдоа да се поклонат на отворање на културен клуб кој носи име Иван Михајлов­? – вели тој.

Со остра реакција се јавија и Еврејската заедница и Фондот на холокаустот, кои велат дека се „згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите“.

– Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98 проценти од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светската историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија – пишува во реакцијата.

Во својата реакција, здруженијата на Сојузот на борците од НОВ прашуваат дали со именувањето на бугарскиот културен центар се повампирува фашизмот во Македонија.

– Ванчо Михјлов, роден во Штип како Иван Михајлов Гаврилов, е олицотворение на фашист и антимакедонец. За остварувањето на своите предавнички идеи, го користи за Македонците светото име ВМРО, но фактички не ја признава посебноста на македонскиот народ. Дека Ванчо Михалјов е фашист, сведочат многуте убистава по негова нарачка на Македонци – негови неистомисленици. Дека е фашист, потврдуваат и неговите домаќини – докажани фашисти, како што се Анте Павелиќ, Италија… Историјата тврди дека 1944 година, по капитулацијата на фашистичка Бугарија, по наговор од фашистите од Германија, доаѓа во Македонија за да формира квислиншка држава Македонија. Секако, во тоа време не наоѓа свои приврзаници во Македонија, и обидот му пропаѓа – велат од Здружението.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повика меѓународната заедница и Брисел да стават крај на овие неевропски егзибиции од страна на официјална Софија.

– Официјален Брисел да им стави крај на овие фашизоидни и хегемониски намери од страна на нашиот источен сосед да направи притисок и да овозможи Македонија конечно да ги почне преговорите. Овој народ го заслужува тоа, бидејќи многу пати во историјата се покажал дека стои рамо до рамо со европските вредности – рече Мицкоски.

Претседателот Стево Пендаровски во својот став за отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола наведува дека иако отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не ѝ служи на таа благородна кауза.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, во изјава за МИА посочи дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание.

Глас за Македонија реагира и бара итен прекин на преговорите со Бугарија, Владата да го разреши министерот за надворешни работи, итно да го затвори клубот на фашистот Ванчо Михајлов и македонскиот народ и другите граѓани да се обединат околу неспорната и жива антифашистичка ориентација.

Демократскиот сојуз, пак, смета дека стратегијата на државава за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија е во колапс и таа треба да се редефинира. (Е.А.)