Градот Лисабон за прв пат ја доби наградата за најдобра кулинарска дестинација во Европа на Светските кулинарски награди.
Наградата беше доделена на церемонија одржана во Дубаи, а во градовите во конкуренција беа Барселона, Копенхаген, Фиренца, Лондон, Париз и Виена, пренесува Euronews.
Гастрономијата е една од клучните точки при изборот на туристичка дестинација, а Лисабон одамна е препознаен по разновидна и квалитетна понуда. Од типични и локални ресторани со традиционална храна, до препознатливи ресторани и готвачи со ѕвезди на Мишлин кои реинтерпретираат класични вкусови – има широк избор што привлекува посетители од целиот свет.
Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, рече дека „голема гордост е да се види како лисабонскиот идентитет и традиција се почитуваат за прв пат во овој сектор и како иновациите се комбинираат со оваа гастрономска традиција“.
„Тоа е признание за квалитетот на гастрономијата по која Лисабон е толку познат и награда што ги охрабрува сите професионалци кои ја одржуваат во живот“, рече тој.
„Светската кулинарска награда“ годинава го слави своето петто издание и има за цел да ја промовира глобалната кулинарска култура и да го поттикне гастрономскиот туризам.
Гастрономскиот настан ги истакнува најдобрите практики и иновации во секторот и опфаќа различни категории, вклучувајќи ресторани, готвачи, хотели и други кулинарски објекти. Победниците се избираат со јавно гласање.