ЕУ најверојатно на 15 јули  повторно ќе ја ажурира белата листа, но со оглед на високиот број заразени во земјава и во изминатите две недели, за очекување е дека границите за македонските државјани повторно ќе останат затворени. Најверојатно, македонските граѓани и после 15 јули нема да можат да влезат во Грција, сè до крајот на месецот, кога повторно ќе се анализира епидемиолошката слика

 

 

Македонските државјани ќе мораат да почекаат најмалку до август за да одморат на грчките плажи. Поради спречување на ширењето на коронавирусот грчките власти неколку пати ги надградија безбедносните мерки на своите граници. Откако и покрај најавите за отворање, Грците ги спуштија рампите кај Евзони, деновиве тие донесоа одлука туристите кои во Грција ќе влегуваат и преку граничниот премин со Бугарија, Промахонас, да мора да имаат потврда на англиски јазик за негативен PCR тест за ковид направен 72 часа пред патувањето. Влезот ќе биде дозволен само за државјани од листата земји кои грчките власти ја објавија пред две недели, а на која Македонија не се најде поради влошената епидемиолошка слика.

Патниците кои ќе влегуваат преку копно или со авион ќе мора да го пополнат и специјалниот образец најдоцна еден ден пред патувањето. Новите одредби на грчката влада стапуваат на сила од утре, 15 јули, а ќе важат до 29 овој месец.

Иако ЕУ одлучи да ја ревидира т.н. “бела листа” на секои две недели, што значи дека најверојатно утре повторно ќе се ажурира листата, со оглед на високиот број заразени во земјава и во изминатите две недели, за очекување е дека границите за македонските државјани повторно ќе останат затворени. Најверојатно, македонските граѓани и после 15 јули нема да можат да влезат во Грција, сè до крајот на месецот кога повторно ќе се анализира епидемиолошката слика.

Македонија на почетокот на овој месец не се најде на т.н. „бела листа“ на ЕУ со оглед дека во моментов не го исполнува основниот епидемиолошки критериум за бројот на нови ковид-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100.000 жители.

Во однос на епидемиолошката ситуација, третите земји треба да исполнат три главни критериуми за да им се кренат рампите кон земјите од Унијата. Потребно е земјата да има блиску до или под 20 нови ковид-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100.000 жители, а трендот на нови случаи во текот на истиот период во споредба со претходните 14 дена да биде стабилен или опаѓачки. ЕУ исто така го зема предвид и севкупниот одговор на ковид-19, вклучително достапните информации за аспектите како тестирање, следење на случаи, детектирање на контакти, спречување, третман и пријавување, како и веродостојноста на информациите.

Сепак, одлуката на Советот е во форма на препорака, а земјите членки на ЕУ и го задржуваат правото дали и во која мерка ќе ја применат.

Македонските државјани засега без обврска за валиден ПЦР тест за коронавирусот и карантин од земјите во соседството можат да патуваат само во Србија, Албанија и Косово.

Откако претходно и ние ги кренавме рампите за сите земји, поради влошувањето на епидемиолошката слика во некои земји, македонските власти од 9 јули повторно воведоа рестрикции за државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои сега при влез на граничен премин на територијата на Македонија, ќе мора задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од тест за ковид-19, направен 72 часа пред влез на територијата на нашата земја и да приложат пополнета изјава со лични податоци за местото на престојување и временскиот период на престојот. Рестрикциите не важат за патниците од овие четири земји кои транзитираат низ македонска територија, како и за дипломатите и членовите на нивните потесни семејства. Потврда за негативен ПСР-тест не им е потребен и на лицата со двојно државјанство, но доколку местото на живеалиште е во земјава, како и на професионалните превозници.