Грчката економија расте со брзо темпо и речиси двојно повеќе од европскиот просек

35

Во „срцето“ на енергетската криза економијата расте со брзо темпо, речиси двојно повеќе од европскиот просек,  проценката е ревидирана на 5,3 проценти за 2022 година, од првичната проценка од 3,1 отсто, истакна министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас за време на неговиот говор на конференција на „Економист“, јави дописничката на МИА од Атина.

Стајкурас истакна дека европскиот просек е проценет на 3,1 отсто, а согласно актуелните податоци „се очекува БДП на Грција да достигне околу 210 милијарди евра во 2022 година и 220 милијарди евра во 2023 година“.

Тој објасни дека растот се базира „и на импресивното зголемување на инвестициите и извозот“.

-Странските директни инвестиции достигнаа пет милијарди евра во 2021 година, забележувајќи го највисокото остварување во последните дваесет години. Нагорниот тренд продолжува и во 2022 година, бидејќи во првата половина надминаа 90 проценти од претходната година. Извозот е 41 отсто од БДП во 2021 година, двојно повеќе од нивото пред кризата. Денес, Грција извезува повеќе од Франција, Италија и Шпанија, додека импресивно го зголеми извозот на високо технолошки стоки, истакна Стајкурас.

За невработеноста, рече дека се намалува и е на најниско ниво во последните 12 години, а паралелно потенцираше дека кредибилитетот на земјата е зајакнат, посочувајќи дека Грција „излезе од режимот на засилен надзор, предвремено ги исплати сите заеми од ММФ, беше 11 пати надградена во последните три години и се врати во европската нормала“.