Грчката Влада ќе субвенционира купување електрични автомобили, мотори и велосипеди

9

Еколошки бонус, односно субвенција за физички лица, за компании и за такси возила, за набавка на електрични автомобили, мотори, велосипеди и мали комбиња, предвидено е да биде вклучен во новиот закон од Министерството за животна средина и енергија на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретниот предлог-закон што е вклучен во широкиот план за „зелен транспорт“ и подобрување на квалитетот на животот, надлежниот министер Костис Хаѕидакис вчера го презентираше за време на владината седница, додека пак комплетниот план ќе го претстави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на 5 јуни, на Светскиот ден на животната средина.

Законот, освен субвенциите, предвидува и даночни олеснувања за компаниите да стекнат и да користат електрични возила, предвидува бесплатен паркинг за електричните возила, како и мерки користење на електричниот транспорт во јавниот сектор.

Кон средината на февруари во грчкиот Парламент пристигна првиот електричен автомобил, а претседателот на Парламентот, Констанинос Тасулас, тогаш рече дека веќе 26 пратеници, нивните службени возила ги заменуваат со електрични автомобили.