Грци ќе ја чистат малата депонија со линдан во ОХИС

346

Грчката компанија Полиеко е ангажирана да ја исчисти малата депонија со линдан во кругот на ОХИС и опасниот отпад да го изнесе надвор од земјата. Ова вчера го обелодени министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Договорот со Полиеко го склучила Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации, УНИДО, откако грчката фирма беше избрана на меѓународен тендер како најповолен понудувач. Теренските подготовки се во тек и се очекува санацијата на малата депонија со линдан да трае две ипол до три години. Во насока на тоа, започнат е и процесот на одобрување на деталниот план за ремедијација и обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен. Наскоро треба да се знае и која технологија ќе биде користена за отстранување на опасниот инсектицид


Грчката компанија Полиеко е ангажирана да ја исчисти малата депонија со линдан во кругот на ОХИС и опасниот отпад да го изнесе надвор од земјата. Ова вчера го обелодени министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини при набројувањето на активностите што се преземени од ова министерство во изминатите 100 дена и она што се планира во наредниот период.

– Потпишан е договор со избраниот понудувач за чистење на линданот од малата депонија во ОХИС и третман надвор од нашата држава – истакна Нуредини.

Договорот со Полиеко го склучила Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации, УНИДО, откако грчката фирма беше избрана на меѓународен тендер како најповолен понудувач. Теренските подготовки се во тек и се очекува санацијата на малата депонија со линдан да трае две ипол до три години. Во насока на тоа, започнат е и процесот на одобрување на деталниот план за ремедијација и обезбедување на потребната документација за отпочнување со работа на терен. Наскоро треба да се знае и која технологија ќе биде користена за отстранување на опасниот инсектицид.

Тендерот се однесувашe само за отстранување на 6.600 тони депониран материјал од малата депонија, од кои 1.600 тони се висококонцентриран отпад, а останатите 5.000 тони се земја со која бил измешан линданот.

Досега се обезбедени неповратни финансиски средства од ГЕФ – Глобален еколошки фонд за само една третина од работите за чистење на линданот од малата депонија. Преостанатите две третини од парите треба да ги обезбеди Владата. Успешното завршување на овој проект е тест за Владата, но и знак за донаторите кои треба да дадат пари за чистење на големата депонија со линдан која е многу поголем проблем од малата.

Двете депонии со линдан (мала и голема) се наоѓаат на само стотина метри од многу прометниот булевар „Борис Трајковски“. Јавноста лани за прв пат слушна колку е опасен линданот, кој експертите и докторите го нарекуваат „тивок убиец“ бидејќи е голем загадувач на почвата и на подземните води.

Линданот во прав и течност на големата депонија практично бил истуран на земја. Тоа не е случај со малата депонија за која има изградено бетонско дно и таа не ги пропушта отровите во земјата. Нане Перо, поранешен инженер во ОХИС, во изјава за медиумите се осврна на линданот, потсетувајќи колку е тој токсичен.

– Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција, Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нуспроизводи кои до денес останаа во кругот на фабриката. Гама-изомерот го екстрахиравме со метил алкохол, кој е исто така многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше не само облеката, туку и кожата – истакна Перо.

Истражувањата покажуваат дека 470.000 жители на Скопје секојдневно се изложени на овој отровен пестицид кој е наталожен со децении. Долготрајното изложување на канцерогениот линдан предизвикува замастување на црниот дроб и други здравствени проблеми.

Професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје вели дека во физибилити студијата што била направена со предлози како да се реши проблемот, се наведува дека најбезбедно решение е да се спакува целиот материјал и да се транспортира во некоја од западните земји каде постојат фабрики за уништување на таков вид на отпад.

Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност. Тој е канцерогена супстанца, се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот.

Од Министерството за животна средина велат дека по отстранувањето на контаминираниот материјал во малата депонија, ќе се продолжи со чистењето на останатиот контаминиран дел токму со користење на средствата од тој фонд. Во овој процес на мобилизирање на средства се вклучи и ЕУ која изрази подготвеност да помогне со свои фондови кои би ги ставила на располагање во текот на 2021-2023.

(С.Бл.)