Нуркачкиот туризам и изградба на нуркачки паркови во Грција е една од првите иницијативи на новото раководство во грчкото министерство за туризам, како што денес објасни надлежниот министер Харис Теохарис на средбата со новинарите и странските дописници.

Министерот за туризам на Грција и неговиот заменик, говореа за приоритетите и иницијативите на министерството, за потребат од комплетен стратешки план за туризмот, за зголемување на бројот на туристи во земјата, но и за “суштината зад едноставното читање на статистичките податоци” што се однесуваат на пристигнувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Харис Теохарис рече дека и оваа година, според досегашните податоци се чини дека ќе има зголемување на туристите, споредбено со лани.

Нуркачкиот туризам и туристичкото образование се главните иницијативи кои ги споменаа министерот и неговиот заменик на средбата со новинарите.

Како што истакна Теохарис, нуркачкиот туризам е прва и директна иницијатива што е веќе созреана и за неа ќе се донесе закон што ќе дозволи изградба на нуркачки паркови во цела Грција. Според грчкиот министер, станува збор за важен дел од туризмот, активен во текот на целата година.

-Нашето мислење е дека треба да дозволиме да се направат што повеќе нуркачки паркови во земјата. Самиот нуркачки парк, не е толку профитабилен, но онаму каде што ќе биде изграден ќе постои голема добивка за локалното население, рече министерот за туризам на Грција и додаде дека со отворањето на нуркачки паркови, ќе се развијат и нуркачки крстарења.

Заменикот министер за туризам на Грција, Манос Консолас, говореше за потребата за носење закон за студиите посветени на туризмот и хотелиерството, што всушност е и втората директна иницијатива на министерството.

Консолас исто така рече дека потребна е конкурентност, како во туристичкото образование, така и во грчиот туризам во целина.