Грција ќе почне вакцинација против Ковид-19 на деца од пет до 11 години

20

Вакцинација и на децата од пет до 11 години, по еден бесплатен селф тест за сите граѓани, пред и по празниците; издавање потврда за прележан Ковид-19 само по направени ПЦР тест, се дел од новите мерки во Грција што денеска ги соопшти министерот за здравство Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.

Рече дека комисијата за вакцинација, дала зелено светло за почеток на вакцинација против Ковид-19 на децата од пет до 11 години, а платформата за закажување термин ќе се отвори штом пристигнат вакцините, бидејќи се различни од оние за возрасните, односно различно е дозирањето.

-До комисијата е доставено е и прашањето на Владата за кратење на периодот од шест месеци за бустер дозата и третата доза да се дава по четири месеци. Нешто за што се разговара, рече Плевирс.

За бустер доза, генералниот секретар во Министерството за здравство Мариос Темистоклеус рече дека во следните денови ќе биде соопштена одлуката на комисијата, а доколку е позитивна и се намали од шест на четири месеци периодот меѓу втората и третата доза, оперативно се подготвени и имаат капацитет, сите оние што завршиле со вакцинацијата до крајот на август да се вакцинираат во јануари.

Целосно вакцинирано 63,3 отсто од населението

Во однос на процесот на вакцинација во земјата Темистоклеус на денешната прес конференција соопшти дека се аплицирани 14.616.000 дози, целосно се вакцинирани над шест милиони граѓани, односно 63,3 отсто од општото и 72,7 проценти од возрасното население, бустер доза примиле 1.500.000 граѓани, а 900.000 имаат закажано термин.

За лицата над 60 годишна возраст за кои вакцинацијата е веќе задолжителна и од 16 следниот месец невакцинираните ќе плаќаат казна од 100 евра месечно, Темистоклеус рече дека во изминатите два дена, односно по соопштувањето на мерката имало зголемување на бројот на закажани термини, над 25.000.

– Сликата што се формира во моментов е дека граѓаните над 60 години, кои или не се вакцинирани или немаат закажан термин се 493.930, рече генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција.

 Потврда за прележан Ковид-19 само со ПЦР, а не рапид тест

Грчката Влада прави промени и во однос на потврдата за прележан Ковид-19 и по препорака од надлежната комисија за да се издаде потврдата задолжителен ќе биде ПЦР тест, а не рапид тест како што беше пракса досега.

-Кога некој е позитивен дали со рапид или со селф тест ќе може да влегува во карантин, но за да има потврда за прележана болест ќе треба да направи ПЦР, објасни министерот за здравство на Грција.

Меѓу дополнителните мерки што ги соопшти е и одлуката божиќните паркови да бидат отворени само за вакцинирани лица и за оние кои што прележале Ковид-19.

Паралелно, од следната недела сите полнолетни граѓани ќе имаат на располагање по еден бесплатен селф тест со цел да се тестираат пред празниците и уште еден бесплатен тест во првите денови од јануари откако ќе завршат празниците.