Грција може да биде најдобриот сојузник и пријател на Македонија и ќе притиска за нејзината евроинтеграција, но клучна е целосна имплементација на Договорот од Преспа од македонска страна, порача грчкиот шеф на дипломатијата Никос Дендиас на денешната средба со неговиот македонски колега Бујар Османи. Дендиас рече дека новото име на земјава треба да има стриктна употреба од сите институции, дури и од интернет порталите и порача властите во земјава да го отстранат сонцето од Вергина онаму каде што тоа сè уште не е направено. Дендиас накратко зборуваше и за соработката на здравствен план со Македонија и договорот со ЕУ за обезбедување на вакцини на земјите што не се членки на Унијата, но не даде подетална информација кога земјава ќе ја добие ветената помош од јужниот сосед.

Грчкиот шеф на дипломатијата рече дека Атина ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, затоа што верува дека тоа е единствениот начин за стабилност и безбедност на регионот и ЕУ мора да го одржи проширувањето, но и земјите од регионот мора да продолжат со реформите, особено во делот на владеењето на правото и добрососедските односи.

-Европската Унија има обврска да ја задржи на маса политиката на проширување, порача Дендиас и предупреди дека не може да си дозволиме создавање „вакум на нестабилност во регионот, што може лесно да се пополни од други сили што не се ЕУ и поддржуваат екстримизам“.

Османи и Дендиас истакнаа дека постои напредок во односите меѓу двете земји, а Македонија и Грција веќе се стратешки партнери. Двајцата колеги се осврнаа и на втората меѓувладина седница што треба да се одржи во следниот период, во зависност од текот на пандемијата.

Македонскиот министер истакна дека нашите искрени намери се да го надминеме прагот на добрососедството, како коректен политички наратив, и да поставиме основа за изградба на едно подлабоко долгорочно пријателство меѓу двете земји, како највисок израз на успешност на политиката и дипломатијата.

 -Како непосреден сосед кој воедно е и членка на ЕУ, сметам дека е особено важна принципиелната поддршка од страна на Грција за почеток на преговорите со Северна Македонија, без одложување. Ја цениме оваа поддршка и ја сметам за еден од клучните инпути во создавањето долгорочно пријателство меѓу двете земји. Во истата насока сакам да ја нагласам и соработката во рамките на НАТО, преку аранжманот меѓу двете држави за заштита на воздушниот простор, што во голема мера придонесува за унапредување на довербата меѓу двете земји на политички и безбедносен план, рече Османи.

Шефовите на дипломатиите на двете земји потпишаа три меморандуми за соработка: за цивилна заштита, за соработка на дипломатските академии, како и меморандум меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“.

-Особено ме радува што денешната посета ја крунисавме со потпишувањето на три многу важни меморандуми за соработка. Отсекогаш сум велел дека економијата и бизнисот треба да ги предводат нашите односи, наша обврска е преку овие меморандуми, преку политичката соработка, да ги создадеме сите услови за натамошно унапредување на трговската размена, размената во областа на туризмот, инвестициите, како најважна и сигурно најопиплива придобивка за граѓаните. Пред нас стојат сериозни инфраструктурни и енергетски проекти: преку изградбата на интерконекторот за пренос на гас, поврзување на земјите преку гасовод, возобновување на постојниот нафтовод, учество во изградбата на гасниот терминал Александрополис, железничкото поврзување, патното поврзување и секако отворањето на новите гранични премини Маркова Нога-Лемос и Мајден-Промахои, изјави Османи.

Претходно, Османи имаше средба со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, со која разговарале за напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Македонија. Како што соопштија од кабинетот на Сакеларопулу, грчката претседателка рекла дека односите меѓу двете земји се во нов продуктивен период, нешто што се потврдува и со редовните контакти на високо ниво и истакнала дека Грција очекува уште поблиска соработка меѓу двете земји.

-Претседателката на државата увери дека нашата земја останува стабилен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија, секако секогаш со главен критериум поставените услови и почитување на принципите на добрососедство. Потенцираше дека целосното, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа е клучно, како за интегративниот процес на Северна Македонија во Европската Унија, така и за нашите билатерални односи, соопштија од кабинетот на Сакеларопулу по средбата со Османи.

Османи, пак, ја информирал грчката претседателка за имплементацијата на Договорот од Преспа и за можностите за соработка меѓу двете земји и ѝ се заблагодарил на Грција за поддршката на европскиот пат на земјава. Беше најавено дека Османи ќе се сретне и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија, а еднодневната работна посета на Атина ќе ја заврши со средба со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис. (В.С.Н.)