Грција бара да се користи СЕВЕРНА во и вон земјата, во спротивно не чека ново вето: Мицотакис предупредува, Нимиц молчи!  

122

Специјалниот посредник на ОН во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, засега нема да ја коментира вжештената реторика на релација Атина – Скопје околу Преспанскиот договор и заканите од грчките политичари за ново вето за Македонија. И додека медијаторот не коментира, грчкиот премиер  Кирјакос Мицотакис  и викендов испрати предупредувачка порака до идната Влада во Скопје  да го користат само името „Северна Македонија. -Ако сметате дека Договорот од Преспа е предавнички, еве Ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи Договорот е она што го посакувавте како партија“, му порача лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис на грчкиот премиер  Мицотакис

Бурните реакции од официјална Атина не стивнуваат  по заклетвата на претседателката Сиљановска Давкова која на иаугурацијата ја изостави „Северна“, а ист пристап најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, иако како што кажа, договорот е реалност и ќе се почитува.

Специјалниот посредник на ОН во решавањето на спорот за името, Метју Нимиц, засега нема да ја коментира вжештената реторика на релација Атина – Скопје околу Преспанскиот договор и заканите од грчките политичари за ново вето за Македонија.

Медијаторот кој 25 години посвети за постигнување компромис меѓу двете страни, во ексклузивен одговор за Канал 5 кратко изјави: „Мислам дека ќе се воздржам засега. Не сум сигурен дека би можел да кажам нешто во овој момент“, вели Нимиц.

И додека медијаторот не коментира, грчкиот премиер  Кирјакос Мицотакис  и викендов испрати предупредувачка порака до идната Влада во Скопје  да го користат само името „Северна Македонија“ и повтори дека без целосно усогласување со Договорот за името, Грција нема да ги ратификува меморандумите и нема да има напредок во ЕУ-перспективата на земјава. Мицотакис потенцира дека без апсолутно почитување на Договорот од Преспа за прашањето за името, не може да се постигне никаков напредок на долгиот пат на Скопје кон Европа. Тој за државната телевизија  ЕРТ посочува дека во основата на договорот од Преспа е концептот на именување, односно името Северна Македонија да се употребува „ерга омнес“ и да важи за сите, односно да се користи и внатре и надвор од државата. Мицотакис посочува дека ќе ги чекаат официјалните ставови на новата влада, но потенцира дека првите примери на однесување се исклучително негативни.

– Сакам да потсетам дека не гласавме за Договорот од Преспа, бидејќи изразивме силна резерва за тоа што со овој договор се признава македонската нација и македонскиот јазик. Тоа беше главната причина што не гласавме за договорот. Но, по прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се ​почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија“. – рече Мицотакис.

Мицотакис во интревјуто открива дека лично интервенирал до раководството на Европската Унија за изјавите како што вели на претседателот на Северна Македонија.

– Јас лично интервенирав да го информирам раководството на Европската Унија за изјавите на претседателот на Северна Македонија. Осуди имаше и од претседателот на Комисијата и од претседателот на Советот и од САД. Така, верувам дека ќе се изврши севкупен притисок врз раководството на Северна Македонија да не направи значително повлекување. – рече Мицотакис. Вчера на премиерот му реплицираше лидерот на СИРИЗА.

-Ако сметате дека Договорот од Преспа е предавнички, еве Ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи Договорот е она што го посакувавте како партија“, му порача лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и воедно му посочи дека им должи извинување на народот, на Ципрас и на Коѕијас. Каселакис им се обрати на жителите на северна Грција, на грчката област Македонија кои се против Договорот, велејќи им дека Нова демократија ги искористи, бидејќи „сега моли да се почитува Договорот од Преспа“.

„Сакам од сè срце да им се обратам на сите граѓани на Македонија, кои не се согласуваат со Договорот од Преспа. Ве почитувам, не се согласуваме, но никогаш не ве излажавме. Искрени сме со вас. Ова е нашата позиција. Знаете кои сме. Но, оние кои ги гласавте ве излажаа, ве искористија, ви го зедоа гласот, ве изведоа на улица и сега молат за почитување на Договорот. Ова се нарекува апсолутно исмејување“, додаде Каселакис.

Поранешниот министер за надворешни работи кој го потпиша Договорот во 2018 година, Никола Димитров во колумна за „Еуроњуз“ оценува дека Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, а повторно отворање на спорот, според него, би било многу полошо.

– Договорот што го потпишавме е добар компромис, кој се однесува на критичните грижи на двете страни. Тоа ги смири билатералните односи во тоа време и ги започна обновените врски меѓу нашите народи, отворајќи ја вратата за пријателство и соработка, пишува Димитров.

И професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој беше дел од правниот тим во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правдата во Хаг, со  сличен став.  Во објава на социјалните мрежи Дескоски реагира дека за Македонија полошо од Преспа е само прекршување на истата, а дополнително според него на ваков начин ќе и се даде на Бугарија аргумент дека нашето прекршување на Билатералната спогодба за добрососедство била причина за бугарското вето за ЕУ.