Грците сега бараат „Северна“ да се вметне и во РФМ, ФФМ, ОФМ…

167

По елиминацијата на Македонија од ЕУРО, дојде  нов напад кон македонските федерации, овој пат од грчкиот медиум „huffingtonpost.gr“, кој бараа промена на името на сите федерации

Македонија и Грција пред повеќе од три години го потпишаа Преспанскиот договор по кој се смени името на државата, поточно на името Македонија се стави додавка „Северна“. Но грчката страна не застанува тука, бара и сите спортски федерации да ја стават додавката „Северна“, а изминативе две недели најголем притисок претрпе Фудбалската федерација на Македонија. Грците реагираа до УЕФА за името, реагираа за дресовите, за кратенката (МКД)… пред и за време на настапот на Македонија на ЕП, меѓутоа не успеаја да ја добијат битката.

Меѓутоа, по елиминацијата на Македонија од ЕУРО, дојде  нов напад кон македонските федерации, овој пат од грчкиот медиум „huffingtonpost.gr“, кој бараа промена на името на сите федерации.

Тие потенцираат дека треба да се променат имињата на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Купот на Македонија, Карате федерацијата на Македонија (КФМ), натпреварувањето Трофеј Македонија, Кајакарската федерација на Македонија, Одбојкарската Федерација на Македонија (ОФМ), Џудо федерацијата на Македонија, Македонскиот олимписки комитет (МОК)…

Единствена федерација која е пофалена е Кошаркарската федерација, која веќе го вметна името „Северна“ во официјалниот назив.

Медиумот пишува дека таму каде што стои „Македонија“ е прекршок на договорот од Преспа, па токму затоа нашата земја може да претрпи санкции и договорот да биде поништен.

Сепак, министрите за надворешни работи и за правда на Македонија, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, изјавија дека институциите кои не примаат државни пари немаат обврска да го променат името.

-ФФМ е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари. Договорот од Преспа опфаќа институции кои примаат државни пари. И сè додека ФФМ не прима државни пари, нема обврска да го прилагоди своето име според Преспанскиот договор. Трговските марки во Договорот се дефинирани: кодот е МК, МКД. Некои прашуваат зошто не е НМК, но тој код е само за регистарските таблички, според Преспанскиот договор, кажа Османи.

-Во однос на ФФМ ситуацијата е јасна, таа е формирана како здружение на граѓани. Нема можност државата да наметне нешто и треба да се следат меѓународните стандарди. Во однос на кодовите, нашето името е Република Северна Македонија, но недвосмислено е нашето право да ги користиме кодовите МКД и МК. Ако не било тоа наше право, сигурно УЕФА немало да ни дозволи да го користиме тој код, вели Маричиќ.

Премиерот Заев се сретна со челниците на РФМ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Драган Начевски, претседател на Судиската комисија при Европската ракометна федерација и Филип Милошевски, генералниот секретар на Ракометната федерација, придружувани од Димитар Митревски, меѓународен ракометен судија и Менде Илиевски, кандидат за меѓународен ракометен судија.

Заев на средбата изразил благодарност за повеќедецениската работа на претседателот на Судиската комисија при Европската ракометна федерација Драган Начевски, кој со својата посветена и високостручна работа стигна до врвот на судиската организација на највисокото европско тело и извршува уште неколку високи функции во Меѓународната ракометна федерација.

На средбата со премиерот Заев, генералниот секретар на Ракометната федерација, Филип Милошевски, информирал за претстојните активности на ракометен план и изрази благодарност за поддршката на Владата и на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за организацијата на Европското јуниорско првенство за момчиња и девојки кое ќе се одржи во август во Скопје и во Охрид. Тој истакнаа и дека спортот и ракометот во последните четири години добиваат исклучително силна поддршка преку спортските политики на Владата и на АМС и оддадоа признание на ваучерскиот систем за поддршка на спортските федерации.