Грковска – Галовеј: Лондон останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Северна Македонија

16

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска ја прими амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата држава Рејчел Галовеј, која на вицепремиерката ѝ го честиташе стапувањето на новата должност и ѝ посака успешен мандат и остварување на програмските приоритети во интерес на граѓаните.

Амбасадорката Галовеј, како што соопшти владината Прес-служба, потврди дека Велика Британија останува силен поддржувач на клучните реформски процеси во Северна Македонија и нагласи дека двете страни ќе продолжат да работат заедно во правец на просперитет на земјата, со акцент на засилена соработка на полето на дигитализацијата, владеење на правото и професионализација на институциите.

Вицепремиерката Грковска, ја изрази својата цврста решеност и посветеност на досега зацртаните стратешки цели за добро владеење во државата, со фокус на владеењето на правото, дигитализацијата и решителна борба со корупцијата.

– Како Влада имаме динамичен старт, дефиниравме остварливи приоритети и долгорочни решенија кои се однесуваат на стратешките интереси на државата. Нашиот фокус е на борбата со корупцијата во која ќе се вклучат сите институции на државата, додека  Владата на Република Северна Македонија ќе ја обезбеди легалната основа за спроведување на овој процес. Еден од клучните приоритети ни е и дигитализацијата која е всушност база за спроведување на политиките на добро владеење, истакна Грковска.

Таа подвлече дека во овој процес клучно ќе биде и интензивирањето на соработката со невладиниот сектор.

Вицепремиерката го подвлече значењето на донесување на Законот за конфискација на сопственоста кој е во драфт верзија и ја истакна важноста од неговата посветена  имплементација како и подобрениот системски пристап во процесот јавни набавки.

На средбата, амбасадорката Галовеј ја нагласи подготвеноста на Велика Британија да ги споделува своите искуства во таргетираните области и да ги поддржува клучните реформски процеси.

– Вицепремиерката Грковска и aмбасадорката Галовеј се согласија дека ќе продолжат со плодната соработка во насока на остварување на стратешката цел на Владата за добро владеење со цел државата да има професионални институции кои работат во полза на граѓаните, се наведува во соопштението.