Граѓанскиот придонес во развојот на општините

71

Иницијативата за спас и ревитализација на салата „Партизан“, развојот на мобилната апликација „мЗаедница“, мобилните тимови кои се организирани со Сојузот на извидници и Црвениот крст, се само дел од неколкуте граѓански иницијативи кои Општина Карпош ги поддржа и ги реализираше на локално ниво.

Токму за граѓанското учество и поддршката на локални граѓански иницијативи се дебатирало на јавна дискусија која се одржа во понеделникот во Кинотеката, насловена како: „Граѓански придонес во развојот на општините“, во организација на здружението „Културно ехо“.

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев зборувал за соработката која се негува со граѓанските организации, а и одговарал на прашањата поставени од модераторот на дискусијата.

Од Општина Карпош информираат дека Богоев истакнал оти фокусот треба да се стави на иницијативи на микро ниво и дека Општината и оваа година ќе организира маалски патроли, во соработка со СВР Скопје, ПС Карпош, родителските совети и урбаните заедници, каде што во вечерните часови ќе се обиколуваат детските игралишта за да се спречи евентуалното девијантно однесување и уништување на урбаната опрема.

Паралелно, Општината вложува и во граѓанското учество преку ресетирањето на локалниот младински совет.

На настанот учествувала и претставничката од неформалната иницијатива „Не биди ѓубре“, Ирена Ристиќ и претставничката од иницијативата „На точак“, Ана Георгиева. Тие ја истакнале потребата од уште поголема грижа за заштита на животната средина, активност на институциите, како и креирање на општина, град која ги задоволува потребите на велосипедистите.

Богоев го истакнал позитивниот пример со формирањето на Партиципативно тело во областа на урбанистичкото планирање, каде преку измени во Законот за урбанистичко планирање, се овозможи уште поголемо учество на граѓаните, стручната фела –  архитектите и организациите во процесот на носење на ДУП-ови.