Граѓани засадија илјада садници чемпрес на Осогово

101

Во масовната акција во која учествуваа и педесетина граѓани на Кочани, беа засадени околу илјада садници аризонски чемпрес на падините на Осоговските планини. Поддршка на иницијативата дадоа и Општина Кочани, која ги обезбеди садниците, како и надлежните служби од ЈП „Национални шуми“ и ЈКП „Водовод“.

– Продолжениот празничен викенд го искористивме на терен да ја реализираме иницијативата за зачувување на природната средина и за облагородување на околината на градот. Иако навлеговме во декември, временските услови се поволни и очекуваме дека пошумувањето ќе има позитивен резултат, односно сите садници ќе се фатат. Сакаме да дадеме свој придонес во јакнењето на свеста кај нашите сограѓани дека сите треба да се грижиме за животната средина и се надеваме дека инцијативата ќе добие помасовна поддршка – истакна Љубица Теодосиева, координатор на еколошкиот клуб во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Пошумувањето се реализираше во околината на градската депонија на Кочани, каде во летниот период имаше голем шумски пожар, во кој изгореа 150 хектари со повеќегодишни стебла од бор и багрем. Иницијаторите на акцијата рекоа дека доколку дозволат временските услови, засадувањето ќе продолжи во текот на наредните викенди.