Граѓаните револтирани: На македонските екрани занемеа националните странски програми

Операторот Телекабел ги исклучи хрватската ХРТ1 и РАИУНО, а А1 своите корисници ги остави без српската РТС и бугарската БНТ. Дадени се други телевизии како замена, но не и намалена претплата

267

На корисниците на кабелските оператори годинава им почна со непријатно изненадување. На каналите на кои гледаа неколку странски национални телевизии им се појавија нови програми, кои тие не ги барале, ниту пак ги имало на списокот кога го потпишале договорот.

Операторот Телекабел ги исклучи хрватската ХРТ1 и РАИУНО, а А1 своите корисници ги остави без српската РТС и бугарската БНТ. Ова не се случува првпат и граѓаните се револтирани. За тоа сведочат службениците во наплатните пунктови на операторите кои велат дека речиси нема корисник кој дошол да ја плати претплатата, а не прашал што се случува со каналите и револтирано искоментирал дека во тој случај не сака други програми, туку намалување на претплатата.

Телекабел каналите ги исклучи на 4-ти овој месец, а за тоа информира преку својот инфоканал и со објава на фејсбук-профилот. Според нивното објаснување проблемот е во ЗАМП кој како застапник за ХРТ1 и РАИУНО за Македонија не успеал навреме да ги продолжи договорите со нив.

-Почитувани корисници, Ве известуваме дека се исклучени два канали од нашата понуда поради тоа што ЗАМП, кој е застапник за ХРТ1 и РАИУНО за Македонија, не успеал навреме да ги обнови договорите со ХРТ1 и РАИУНО. Каналите се исклучени од сите оператори. Засега замена за ХРТ1 е РТС1, а за РАИУНО е Здрава ТВ. За сите понатамошни информации ќе бидете благовремено известени. Ви благодариме на разбирањето, гласи објавата на Телекабел.

Од компанијата за весникот ВЕЧЕР објаснуваат дека со приватните телевизии тие самите ги склучуваат договорите, но со овие национални сервиси не можат, зашто авторските прави ги има ЗАМП.

-Договорот со нив истече на 31 декември лани и само ЗАМП, кој ги има авторските права, може да го продолжи. Ние на нашите корисници им понудивме привремена замена на каналите, колку да не останат екраните црни, но преговорите со ЗАМП за враќање на претходните канали продолжуваат и ние навреме ќе ги информираме корисниците за исходот, велат надлежните од Телекабел.

Инаку, овој оператор беше последен кој емитуваше ХРТ1, бидејќи останатите оваа телевизија ја исклучија уште пред две години.

Побаравме одговор и од А1, но досега не го добивме.

Слично се случи кога пред неколку години дел од операторите од своите пакети со ТВ-програми ги исфрлија многу популарните канали на Дискавери, со образложение дека не успеале да се договорат околу реемитувањето. И тогаш корисниците добија замена, но не и финансиска компензација. Упатените во овој бизнис велат дека неизводливо е намалување на претплатата, зашто операторите нудат цели пакети, на пример од 100 или повеќе канали, па доколку се посегне по намалување на цената за исклучени два од нив, од тоа никој не би имал корист, зашто намалувањето би било сосема занемарливо, односно само неколку денари.

На незадоволните корисници на услугите на кабелските оператори сега не им останува ништо друго освен да преминат кај друг оператор кој во понудата ги има каналите кои се нивен избор. Но и тогаш не е исклучена можноста повторно да останат без она што го избрале и за истите пари да добијат нешто што никогаш нема да го гледаат.
Инаку, речиси целата мината година повеќето кабелски оператори ги држеа во неизвесност граѓаните, водејќи „војна“ со Владата околу новиот член од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој им налага да одговараат под материјална и кривична одговорност за содржините од странските канали што ги реемитуваат.

Тие се закануваа дека ќе ги исклучат сите канали освен јавниот сервис, што еднаш на кратко и го сторија, но и го дадоа спорниот член на Уставен суд. Минатиот месец Владата до Собранието поднесе предлог за бришење на спорната одредба, но веднаш потоа Уставниот суд објави дека ќе ја оценува уставноста на членот и со времена мерка ги сопре сите дејствија што би произлегле од него.

(С.В.)