Граѓаните не можат да одат на специјалистички преглед без негативен ПЦР-тест!

Огромни средства за тестирање во приватни лаборатории

347

На дежурниот телефон во редакција ВЕЧЕР се јави сограѓанка која ни укажа дека на една скопска клиника за да добие соодветна здравствена услуга морала да прави ПЦР-тестирање во приватна лабораторија. -Боледувам од хронична опструктивна белодробна болест ХОББ, но сè додека не покажав дека не сум заразена со ковид-19, приложувајќи негативен ПЦР-тест, лекарот специјалист, одбиваше да ме прегледа. Како последица на тоа, сега имам бронхопневмонија и сум на боледување – реагира пациентката

Граѓаните трошат огромни средства за тестирање во приватни лаборатории, бидејќи дел од специјалисти прегледуваат само со негативен ПЦР-тест. На оваа појава укажаа хронично болните пациенти во Македонија, кои за време на епидемијата со ковид-19 се соочуваат со многу проблеми. Еден од нив е што не можат да ги реализираат своите редовни прегледи.

Во период на епидемија за нив или нема или многу малку има термини за специјалистички прегледи, а некои лекари одбиваат да ги примат во своите ординации, додека не приложат негативен ПЦР-тест кој ги чини 2.000 денари. Преку, Мој термин матичните лекари не можат да закажат тестирање во јавното здравство ниту за лицата кои веќе имаат симптоми. На дежурниот телефон во редакција ВЕЧЕР се јави сограѓанка која ни укажа дека на една скопска клиника за да добие соодветна здравствена услуга морала да прави ПЦР-тестирање во приватна лабораторија.

-Боледувам од хронична опструктивна белодробна болест ХОББ, но сè додека не покажав дека не сум заразена со ковид-19, приложувајќи негативен ПЦР-тест, лекарот специјалист одбиваше да ме прегледа. Како последица на тоа, сега имам бронхопневмонија и сум на боледување – реагира пациентката која укажува дека и таа приватно го платила тестот.

Ова е само еден пример, со кои во секојдневието се среќаваат нашите сограѓани. Деновиве секојдневно гледаме редици на граѓани коио чекаат пред приватните лаборатории за тестираат и трошат илјадници евра од свој џеб. Само за првите десет дека од 2022 година, граѓаните за приватни тестови потрошиле од 150 до 200 илјади евра, а за периодот од кога е почната пандемијата, за две години од 25 до 30 милиони евра.

И деновиве, додека омикронот ги полни чекалните, матичните лекари мака мачат со Мој термин за да им закажат тестирање. Според нив во Скопје нема термини, па цели фамилии заминуваат во поблиските градови како Тетово, Велес, Куманово или Свети Николе, за да се тестираат во државното здравство.

Од партијата Левица реагираат и овие пропусти ги префрлаат на претходниот владин состав кој според нив покажал исклучителна неумешност во справувањето со здравствената ковид-криза.

– Обичниот човек постојано осиромашува, додека приватните здравствени установи водени од домашната бизнис-елита, непрекинато профитираат. Фрапантен е фактот дека од почетокот на пандемијата спроведени се 1.665.043 тестирања, од кои 2/3 или 1.205.902 ковид-тестови граѓаните ги платиле на приватно-укажуваат од оваа партија.

Тие по примерот на бројни земји, бараат државата целосно да го преземе под своја надлежност процесот на тестирање од приватните клиники ,а тестовите да бидат обезбедено од буџетски средства.

Според нив еден од начините преку кои државата ги принудува граѓаните да плаќаат тестови во приватните лаборатории е тоа што матичните лекари не можат да закажат термини за тест во државна лабораторија.

-Дури и кога матичниот ќе успее да закаже тестирање, истото може да се чека по неколку дена, што ако се земе во предвид ургентноста и спецификата на проблемот, ова за пациентот може да биде фатално – посочува Левица.

Министерство за здравство со нова анализа:Околу 81 % од хоспитализираните со ковид-19 и 78% од починатите се невакцинирани

Во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година на територија на државата 85.593 граѓанин, се позитивни на ковид-19, од нив 37% биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Како што анализира МЗ за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани.

Според извештаите од болниците моментално се хоспитализирани 340 лица, a од нив 19% се вакцинирани, 81% не се вакцинирани. Изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден, од болница.

Смртноста кај невакцинираните во истиот период е драстично поголема, односно 78% од починатите лица со ковид, биле невакцинирани, а само 22% примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Професорот Трајковски со нова анализа:Се намалува преносливоста на омикрон сојот, врвот ќе го достигне за десет дена!

Преносливоста на омикрон сојот во земјава се намалува, а во многу земји веќе е достигнат врвот, што значи дека има шанси тоа да се случи и кај нас во следните десетина дена. Вака посочува професорот по математика Дејан Трајковски во неговата најнова анализа за ковид-состојбата во земјава.
Според него стапката на позитивни тестови во однос на тестирањата забрзано се искачува и надмина 30%.

-Можно е ограничениот број на тестирања да ни дава многу искривена слика, но во понеделник, со објавувањето на бројот на хоспитализираните ќе добиеме поточна претстава. Доколку стапката на хоспитализираност продолжи да се намалува (или барем да остане иста), тоа би значело дека сепак со тестирањата држиме каков-таков чекор и дека со помош на бројот на новозаразени можеме да го предвидуваме трендот- вели Трајковски.

Тој ги очекува и новите податоците на ИЈЗ за вакцинираните, поточно за нивното учество во бројот на новодијагностицираните и починати. Претходната недела тие не беа објавени, во услови кога ефикасноста на вакцините е опадната.

(В.Ма.)