Граѓаните не го разбираат новиот тарифник, само разбраа дека ќе плаќаат повисоки сметки!

На граѓаните не им е јасен начинот на пресметката на цената на струјата според новиот тарифник. Тие се збунети и не знаат кој ќе плаќа повеќе кој помалку, колку ќе биде евтината тарифа, колку ќе плаќаат за мрежарина... И дел од експертите се согласни дека голем дел од граѓаните не ги разбираат тарифникот и новиот начин на пресметка на цената на струјата. Пресметките покажуваат дека сметките за струја на едно просечно домаќинство кое штеди енергија, ќе се зголемат за околу 400 денари

1138

Граѓаните не го разбираат новиот тарифник за струјата и не знаат како да ја пресметаат потрошувачката на калкулаторот што е објавен на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика. На многумина им е нејасен начинот на пресметката на цената, и се збунети. Не знаат кој ќе плаќа повеќе кој помалку, колку ќе биде евтината тарифа, колку ќе плаќаат за мрежарина… И дел од експертите се согласни дека голем дел од граѓаните не ги разбираат тарифникот и новиот начин на пресметка на цената на струјата, велат дека власта го вовела само за да го оправда поскапувањето на струјата.

– Тарифникот е неразбирлив за граѓаните и повеќе ги збунува. Тие не може да разберат која е поскапа која е поевтина тарифа и за колку ќе им се зголеми цената по блокови. Мислам дека тоа беше и целта на власта да ги збуни граѓаните за да го оправда зголемувањето на цената на струјата. Можеа попросто да им го објаснат на граѓаните, но мислам дека во моментов ни самите не знаат што сакаат да постигнат со новиот тарифник. Едно е сигурно – дека сметките за струја од 1 јули се повисоки за сите граѓани – вели за ВЕЧЕР енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според него, новиот тарифник е штетен за корисниците зашто ЕВН никогаш не ги чита навремено сметките и може да прави манипулација со тоа што ќе ги доведува граѓаните во вториот и во третиот блок поради ненавремено читање. Граѓаните ќе плаќаат високи сметки, а ќе немаат можност да докажат затоа што софтверот на ЕВН никој не го контролира.

Дека новиот тарифник има низа нејаснотии и оти голем дел од луѓето не разбираат како тој  функционира , смета и енергетскиот експерт Константин Димитров.

– Луѓето не разбираат што значи новиот тарифник и нив ги интересира само колку треба да платат и зошто нивните сметки се повисоки. Тие ќе ја гледаат крајната цена и никој нема да знае колку треба да плати за струја, а колку за мрежарина – објаснува Димитров.

Енергетските експерти се согласни дека старите цени на струјата повеќе нема да се повторат. Тие, исто така, не веруваат дека АД ЕСМ ќе успее да покрие 100 отсто од потребите на ЕВН Хоум, односно да го зголеми производството за 20 отсто. Сметаат дека државата ќе треба да издвои уште 200-300 милиони евра за набавка на струја од увоз и за енергенси за производство на електрична енергија.

Инаку, од вчера струјата поскапи и почна да се применува новиот концепт на блок-тарифи. Од РКЕ уверуваат дека за 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 проценти. Не се очекуваат ниту рестрикции на струјата, иако нè очекува тешка зима. Блок-тарифите ќе важат само за скапата струја, а за евтината нема да има блок-тарифи и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека доколку не се воведат блок-тарифите, цената би се зголемила за 17,74 проценти.

Опозицијата, пак, смета дека поскапувањето на струјата ќе биде меѓу 17 и 18 проценти. Со новата цена на струјата и новиот тарифен модел, според опозицијата, граѓаните ќе бидат двапати оштетени и ќе горат сè што ќе им се најде за да се затоплат оваа зима.

Со новиот тарифник, цената во првиот блок во скапата тарифа е повисока за 5,5 отсто, во вториот блок – за 10,3 отсто, во третиот за 18,3 отсто, а во четвртиот за дури 138,7 отсто. Просечната потрошувачка на струја во скапа тарифа е околу 400 киловат-часови. Пресметките покажуваат дека сметките за струја на едно просечно домаќинство кое штеди енергија, ќе се зголемат за околу 400 денари. За оние што целосно ќе влезат во првиот блок до 210 киловат-часови, сметките ќе им бидат поголеми за 7 отсто, а оние што потрошиле 1.100 киловат-часови во скапа тарифа, ќе плаќаат за 17 отсто поскапо.

Енергетскиот протест поради зголемувањето на цената на струјата организиран од политичките партии од опозицијата, кој беше најавен за вчера, е одложен поради новите случувања околу францускиот предлог.

(А.С.)