Граѓаните незадоволни од начинот на кој се трошат парите од персоналецот

Скандалите со корупција, злоупотреба на јавните средства и високи трошоци за набавка на луксузни стоки, високите патни трошоци на функционерите создаваат недоверба кај граѓаните дека буџетските пари се користат за социјално ранливите категории

75

Дури 85 отсто од граѓаните се незадоволни од начинот на кој се трошат парите собрани од персоналниот данок на доход. Ова укажува дека скандалите со корупција, злоупотреба на јавните средства и високи трошоци за набавка на луксузни стоки, високите патни трошоци на функционерите создаваат недоверба кај граѓаните дека буџетските пари се користат за социјално ранливите категории, покажуваат резултите од истражувањето на Асоцијацијата „Зенит“.
Целта на оваа истражување, како што рече извршниот директор на Асоцијацијата, Александар Николов е да се видат првичните ефекти од реформата на персоналниот данок на доход.
-Во првите шет месеци од годинава државата има прибрано 20 милиони евра повеќе пари од граѓаните со примена на новиот модел со кој со повисока даночна стапка се одданочува доходот на граѓаните кои повеќе заработуваат. Целите на даночната реформа беа државата да собере повеќе средства за да ја подобри социјалната заштита, да воведе гарантиран минимален приход за загрозените семејства и да ги подобри јавните услуги, изјави Николов.
Според него и покрај тоа што се уште е рано да се оценат ефектите од ваквата реформа, сепак анкетата покажува дека 44 отсто од граѓаните го поддржуваат прогресивното одданочување, односно сметаат дека лицата со повисоки примања треба да се одданочат со повисока даночна стапка. Околу 40 отсто од граѓаните не се согласуваат со моделот на прогресивно одданочување.
Резултатите од истражувањето покажале дека граѓаните не го избегнуваат плаќањето повисок данок и кај поголем дел од нив постои солидарност дека треба да се поддржат социјално загрозените лица.
Над две третини од граѓаните одговориле дека не се исполнети целите заради кој е воведено прогресивното одданочување, но се уште е рано треба да почекаме да се видат крајните ефекти од реформата. Државата треба подобро да им објасни како се трошат овие средства и да пристапи кон некои законски измени за да се осигураат дека нивните пари завршуваат таму каде што треба, вели Николов.
Според податоците на Министерството за финансии планот на исполнување на реформата во првите шет месеци е 45 отсто, што е задоволителен резултат.
– Ова покажува дека се остваруваат приходите кои беа планирани, што од друга страна ги демантира они критичари кои беа убедени дека прогресивното одданочување ќе ја зголеми даночната евазија, подвлече тој.
Според Игор Антевски од Министерството за труд и социјална политика реформата оди во повеќе насоки право на минимална социјална помош, Закон за заштита на деца, Социјална пензија…
-Право на минимална социјална помош е универзално и можат да го користат сите поединци или домаќинства кои остваруваат приходи под одреден праг. Оваа минимална гарантирана социјална помош за четричлено семејство изнесува 6.800 денари. Покрај тоа граѓаните имаат право на додаток за енергетска сигурнос за шест месеци кое изнесува 1.000 денари, изјави Антевски.
Тој објасни дека досега право за детски додатот имаа само лицата кои се вработени и кои остваруваат приход под одреден праг, сега право на ваков додаток имаат сите лица без разлика дали се вработени или не, а прагот е многу повисок. Така на пример ако прагот за минимална социјална помош на едно четричлено семејство е 6.800 денари, прагот за детски додадаток е 13.800 денари. (А.С.)