Граѓаните на кои им се прифатија приговорите, домашните платежни картички можат да ги трошат само две недели

73

На граѓаните кои добија домашна платежна картичка откако им се уважија приговорите, парите на нив, според информациите од Министерството за финансии, треба да им легнат најдоцна во текот на денешниот ден. Но, тие имаат време да ги трошат само две недели, зашто рокот за користење на тие картички истекува на 15 наредниот месец, а парите што нема да сепотрошат до тогаш ќе се вратат во буџетот. За разлика од нив, граѓаните кои картичките ги добија во првата група, со нив располагаат повеќе од еден месец.

Според  вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, приговорите за домашните платежни картички нема да пропаднат, граѓаните ќе ги остварат своите права, но периодот на трошење на средствата ќе биде пократок ако не се изнајде друго решение. Таа појасни дека во моментов Владата нема моќ да ги продолжи роковите за користење на картичките зашто тие се дефинирани во уредби со законска сила.

-Уредбите беа донесени во вонредна состојба. Сега сме во поинаква ситуација. Ако се воспостави Собранието побрзо и ако се оди кон одредена законска измена, но сметам дека тоа е прекомпликувано засега да може да се направи. Може да се отвори како дискусија на Влада, ако има одреден став ќе може да го презентираме, но роковите се поставени во уредби со законска сила, кои немаме моќ во овој момент да ги менуваме. Нашите овластувања и моќ во овој момент не се такви, истакна Царовска.

Освен што ги добија доцна, граѓаните чии приговори беа прифатени, картичките ги добија и празни. Тие беа крајно револтирани, реагираа во банките, пишуваа по социјалните мрежи, за во вторникот Министерството за финансии да информира дека од трезорот се префрлени дополнителни 32 милиона денари за тие картички.

Од Македонската банкарска асоцијација, во која членуваат деветте банки кои издаваат домашна платежна картичка, за весникот ВЕЧЕР изјавија дека граѓаните знаеле дека парите на картичките ќе им легнат оваа недела,бидејќи таква информација добивале кога ги подигале.

-Банките кои учествуваат во проектот ДПК „Купувам домашно“ ги изработуваат и дистрибуираат/издаваат картичките во согласност со информациите добиени од Владата. Првоиздадените картички кои сѐ уште се издаваат ги имаат средствата на располагање и активно се користат. Картичките кои се изработуваа откако Владата ги разгледа и прифати приговорите на дел од граѓаните се издаваат последните неколку денови и на граѓаните им се дава информација дека ќе ги добијат средствата оваа недела, односно веќе од среда ќе ги имаат на располагање. Банките испраќаат и СМС-порака штом средствата бидат на располагање за користење. Соодветно, не станува збор за превид од ниту една страна, клиентите се информирани дека картичките ги добиваат а средствата ќе ги добијат сукцесивно веќе од среда, информираат од МБА.

Граѓаните кои се јавија во нашата редакција, сепак, велат дека откриле дека на картичките нема пари дури кога се обиделе да пазаруваат со нив, а од банките добиле информација дека дополнително ќе им бидат префрлени дури кога се јавиле на контакт-телефоните.

Според последната информација од Министерството за финансии,заклучно со 25 јули, издадени се над 300.000 платежни картички со околу 26 милиони евра. Со доставување на иницијалните листи на граѓани до банките на 12 јуни биле исплатени 27,8 милиони евра. Во вторникот, пак, биле исплатени дополнителни 32 милиона денари за усвоените 9.200 приговори, од кои 5.800 се од млади лица од 16 до 29 години, 700 од невработени со низок доход и околу 2.700 од вработени лица со низок доход.

(С.В.)