За услуги (имотен лист и други податоци) што ги дала лани кон граѓаните и кон геодетските друштва, Агенцијата за катастар на недвижности наплатила 626.927.325 денари, што е над 10 милиони евра, покажува извештајот на Катастарот.

Иако планот бил да се соберат 8,5 милиони евра од граѓаните и од друштвата, во текот на годината биле наплатени 10,27 милиони евра, односно за дури 21 отсто повеќе од она што се предвидувало.

Во извештајот се наведува дека во 2023 година, биле наплатени 10,27 милиони евра од поединци и од правни лица, а само една година претходно, наплатата изнесувала 7,75 милиони евра. Разликата за истото работење за една година е 2,52 милиони евра повеќе.

Дополнително, уште 3,36 милиони евра влегле во касата на Катастарот од државниот буџет, со што Агенцијата за катастар на недвижности ја завршила 2023 година со вкупни приходи од 13,629 милиони евра.

Од тие пари, 75 проценти биле трошок за исплата на плати на вработените, а останатиот дел – за стоки и услуги. За капитални расходи во 2024 година, предвидени се 550.000 евра.

Иако станува збор за непрофитен државен управен орган, на крајот од годината останале 3 милиони евра како непотрошени средства.

На 15 февруари годинава, Агенцијата за катастар на недвижности издаде нов тарифник за висината на надоместокот за извршените геодетски работи од страна на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи. Со овој тарифник се утврди и надоместокот за геодетско-катастарски услуги, што го наплаќаат трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи за да се испорача квалитетот на конкретната услуга и/или за да се изработи геодетски елаборат.

Со тоа, цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности, во просек, се зголемени за 25 до 30 проценти. Уписот на станот, земјиштето, заедничките простории, гаражата, се наплаќа посебно. Од Катастарот појаснија дека досега градежните компании, при упис на зградите, сите станбени единици и простории ги запишувале со еден имотен лист. Тоа е една од причините за промената во тарифникот, а зголемувањето било направено поради зголемени трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опремата, зголемување на платите.

Од Комората на трговските друштва за геодетски работи реагираа за енормен раст на цените за некои катастарски услуги.

(С.Бл.)