Градот Скопје иницира предлог закон за заштита на Водно

    36

    Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и претставниците на граѓанските здруженија „Го сакам Водно“ и на „Иницијативата O2“ на денешната средба разговарале за фазата на реализација на иницијативата за предлог законот за заштита на Водно.

    На средбата Арсовска истакнала дека Водно и Скопје се неразделно поврзани, a со насилната и нелегална урбанизација се загрозува овој зелен штит на градот. Според градоначалничката, не треба да се дозволи узурпација на овој значаен дел од Скопје.

    -Се обврзавме на заштита на Водно, со обезбедување дополнителен степен на законски регулирана заштита во интерес на Скопје и скопјани. Започнавме со креирање предлог решение за законски обезбедување заштита на Водно, со што инициравме Закон за заштита на Водно, посочила Арсовска.

    Од Градот Скопје соопштија дека заедно со граѓанските организации е почната постапката, и во програмата за 2022 година се издвоени средства за изработка на Просторен план за Водно.

    -Градот Скопје се заложува за системско решение за Водно и со иницирањето на овој предлог закон, кој ќе биде поднесен до Собранието, конечно правно ќе се регулира заштитата на Водно, се наведува во соопштението на градските власти.