Градоначалникот на Гевгелија од угостителите побара да не бидат прегласни и да го почитуваат јавниот ред и мир

23

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков оствари работна средба со сопственици на гевгелиските ресторани и кафеани, на која ја истакна потребата од заедничка соработка.

– Законот мора да важи за сите, без никакви поделби и дискриминации. Од вас барам да ја почитувате регулативата за јавниот ред и мир. Да се почитува работното време, да се внимава на децибелите на гласноста на музиката, да не се нарушува редот и мирот и да не се точи алкохол на малолетници. Тоа е ваш интерес и интерес на сите граѓани, потенцира Поцков во обраќањето пред угостителите.

Од локалната самоуправа беше изразено очкување и барање угостителите да ги изнесат своите идеи и иницијативи како да се подобри туристичката понуда со цел да се привлече вниманието на домашните и странските туристи со што ќе се придонесе и за поголем економски ефект и поголема искористеност на капацитетите.

Средбата со угостителите, посочија од Општината, е дел од настојувањата на првиот човек на општината за непосреден контакт со сите учесници во стопанскиот развој на општина Гевгелија.