Градинката „Кочо Рацин“ ќе се грее и лади со инвертер клима уреди

524

Градинката „Кочо Рацин“, објект „Панорама“ на Водно е последната установа од градинките и училиштата на територијата на Општина Центар, која има нив еколошки систем на греење и ладење, преку користење на 33 високоефикасни инвертер клима уреди.

Денеска, градинката ја посетија заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, како и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

– Во оваа градинка не само што не мириса на нафта, туку е и потопло, почисто. И она што е најзначајно заштедата ќе биде околу 30-40 проценти. Нема потреба во пет часот наутро да дојдеме да го палиме нафтениот котел за на децата да им биде топло, почисто, а и поевтино е. Десет тони  потрошувачка, зависно од зимата, би чинело осум илјади евра. Но, сега за 40 до 45 проценти ќе биде помал трошокот и околу 700 килограми помалку ПМ2 и ПМ10 честички во воздухот-изјави Макрадули и додаде дека со оваа активност ќе се заокружат сите јавни објекти, кои користат нееколошки извор на затоплување во општина Центар, и со тоа нема да постои детска градинка или основно училиште која ќе го загадува воздухот – изјави Макрадули.

Тој  се заблагодари на АД МЕПСО, кое во рамки на своите ингеренции донесе Одлука за поддршка на Планот за чист воздух 2019 и издвои средства со кои е заменето затоплувањето во оваа градника.

Следејќи го овој позитивен пример, на општествена одговорност, Макрадули ги повика и другите субјекти на деловната заедница активно да се вклучат во овој процес.

Габриела Алабашовска, директорка на градинката „Кочо Рацин“ посочи дека во 2013 година е извршена целосно реновирање на прозорците и изолацијата низ целиот објект.

– Но, со поставувањето на инвертер-климите, градинката е потполно енергетски ефикасна. Досега објектот се грееше со екстра лесно гориво, каде што потрошувачката на годишно ниво беше 10 тони-истакна Алабашовска.