Градењето станови е доходовен бизнис и за инвеститорите, но и за купувачите. За првите, бидејќи нивниот производ (во случајов стан) веднаш ќе се продаде, а за вторите, бидејќи паметно го вложиле својот капитал.

Дека е тоа така, доволно е навечер да се фрли поглед кон елитните населби во Центар и на Водно и да се забележи дека светилките се вклучени во едвај неколку стана во изградена и вселена зграда, што кажува дека во тие станови не живеат ни сопствениците, а нема ни кираџии.

Според податоците од пописот во 2021 година, над 307 илјади стана во Македонија немаат станари, а од нив, околу 60 илјади се во Скопје, кои зјаат празни и неискористени. Од агенциите за недвижности нагласуваат дека е забележливо дека добро ситуирани граѓани купуваат и по неколку стана, иако немаат потреба да ги издаваат.

– Инфлацијата си го прави своето. Веројатно, мислат дека е подобро да се вложат пари во недвижности, меѓутоа не секој од нив ги изнајмува – велат од една агенција.

Статистиката покажува дека иако има голем број непродадени станови на пазарот на недвижности, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат. Од 2020 до 2023 година, издадени се одобренија за градба на 33.023 стана од кои, во 2020 година 6.210, во 2021 година 11.946, во 2022 година 7.002 и во 2023 година 7.865.

За повеќе од половина или за 16.341 стан се издадени одобренија за градење во Скопје. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани биле изградени 5.776 стана, од кои 2.331 стан, викенд-куќи и слично се изградени од индивидуални сопственици, а 3.445 стана биле изградени од компании. Просекот на корисна површина на становите кај индивидуалните сопственици е 128 квадратни метри, а кај компаниите – 70 квадрати.

Лани, градежните компании и индивидуални сопственици вложиле речиси 900 милиони евра во изградба на станови. Индивидуалните сопственици градат поголеми станови, а компаниите многу помали. Лани, индивидуалните сопственици извршиле градежни работи во вредност од 223,8 милиони евра.

Тие граделе вкупно 2.020 објекти во кои завршиле со изградба на вкупно 2.331 стан со вкупна површина од 299.224 квадратни метри, од кои 67 се станови во викенд-куќи со вкупна површина од 7.196 квадрати. Просечната корисна површина на завршените станови е 128,4 м2.

По региони, најмногу индивидуални сопственици граделе во Полошкиот Регион, каде што се изградени 641 стан и 5 викенд-куќи, потоа во Скопскиот со 426 изградени стана и 9 викенд- куќи и Југозападниот со 579 стана и 2 викенд- куќи.

Градежните компании, лани, извршиле градежни работи во вредност од 599,6 милиони евра. Од нив, 308,2 милиони евра се за објекти во индивидуална сопственост. Лани, градежните компании граделе вкупно 2.874 објекти, а завршиле вкупно 3.445 стана со вкупна површина од 243.815 квадратни метри, од кои 3.415 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените станови е 70,8 квадратни метри.

По региони, најмногу се градело во Скопскиот Регион, каде што се изградени 2.061 стан, потоа во Југоисточниот Регион со 268 изградени стана и Пелагонискиот Регион, каде што се изградени 212 стана.

(С.Бл.)