Градежниците тонат и на домашен терен и во странство

Вкупниот број издадени одобренија за градење во март во однос на истиот месец лани е помал за една петтина или за околу 21 процент, а од јануари до крајот на март годинава нашата градежна оператива во странство сработила половина од она што го реализирала лани во истиот период

43

Корона-кризата ги одложи плановите на граѓаните за реконструкции на домовите и деловните простории токму во периодот кога е најповолно да се изведуваат. Мерките за заштита од вирусот, полицискиот час, но и неизвесноста околу примањата и задржувањето на работното место ги примораа граѓаните за некои подобри времиња да ги одложат доградбите, надградбите и проширувањата на објектите. Ова предизвика пад на градежните активности во државата.

Според Државниот завод за статистика во март годинава, кога кај нас почна кризата издадени се само 68 одобренија за реконструкција, што е за околу 54 проценти помалку отколку во првиот пролетен месец лани. Токму ова е причина за намалување на вкупниот број издадени одобренија за градење во март за повеќе од една петтина или за околу 21 процент, и покрај тоа што кај високоградбата и нискоградбата има раст.

Инаку, во март општините издале вкупно 219 градежни дозволи од кои покрај 68-те за реконструкција, 115 се за високоградба, што е за 8,5 проценти повеќе од истиот период лани и 41 за нискоградба, или 17,1 процент повеќе од лани. Податоците од ДЗС освен кај реконструкциите покажуваат пад и кај бројот на становите што треба да се градат. Со одобренијата издадени во март годинава предвидено е да се изградат 228 станови, што е за 17,6 отсто помалку отколку во март лани.

Влијанието на корона-кризата која има глобални димензии се гледа и во големото потфрлување во реализацијата на договорите на нашите градежници на странските пазари. Во периодот јануари-март годинава, нашата градежна оператива во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 24 милиони денари, што е половина од она што го сработила лани во истиот период.

Нема оптимизам и за периодот што доаѓа. Од јануари до крајот на март вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 178.318.000 денари, што е за 24,7 отсто помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Надеж за ангажман останува во капиталните проекти што ги реализира државата. Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески од почетокот на годинава досега се реализирани 15 проценти од планираните капитални инвестиции, но тој најавува посилно темпо за наредниот период. Исто така, за поттикнување на јавната потрошувачка, која треба да влијае на зголемување на БДП, владата најави дека годинава ќе се реализираат дел од инфраструктурните објекти кои биле планирани за наредната година.

Корона-кризата во иста каша ги стави и градежниците од европските земји. Според податоците на Еуростат, обемот на градежни работи во еврозоната вкупно се намалил за 15,4 отсто, а во целата Европска Унија за 13,4 отсто. Најголем пад е забележан во Франција и тоа од 40,2 отсто, потоа во Италија од 36,2 отсто, а Словенија е трета со минус од 11,9 отсто во обемот на градежните работи.

Со кризата, сепак успешно се борат градежниците во неколку земји од ЕУ, кои регистрираат подобри резултати од порано. Најголем раст во обемот на градежните активности има Романија, од 2,1 насто. Во Германија обемот на градежните активности е зголемен за 1,8 процент, а трет најголем раст во градежништвото објави Холандија, каде тој изнесува 1,5 насто.

(С.В.)