Грабар- Китаровиќ: Македонија има речиси двојно повеќе жени пратеници од Хрватска

16

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска на средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери изрази задоволство од високиот процент на жени пратеници во македонското Собрание.
Таа нагласи дека споредено со Хрватска, тоа е речиси двојно повеќе.

На средбата присуствуваа и Даниела Рангелова, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со хрватскиот Парламент и членовите на Групата, пратеничките Бети Рабаџиевска-Наумовска, Шпреса Хадри и Теута Биљали.

Претседателот и членовите на Групата за соработка ја запознаа хрватската претседателка со своите активности на планот на промовирањето на што поголемо учество на жените во политиката, со акцент за натамошно зголемување на бројот на жените во извршната и локалната власт.

Истакнаа дека без разлика на политичката идеологија, заедно и посветено работат на реформската агенда на евроинтеграција на Република Македонија и ја изразија подготвеноста за натамошна поинтензивна соработка со своите колеги во хрватскиот Сабор.

Соговорниците споделија видувања и за искористувањето на моментумот на позитивни сигнали во процесите на решавањето на прашањето за името, добивањето датум за преговори за членсво во Европската Унија и полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Грабар-Китаровиќ изрази задоволство што изминатава година е постигнат огромен напредок во демократскиот развој на земјата.

Во однос на севкупната евроинтеграција на Македонија ги сподели хрватските искуства на тој план и особено го истакна значењето на Парламентот во процесот на претпристапните преговори, како и важноста на конструктивен пристап кон процесот и од страна на опозицијата.

Ја подвлече улогата на НАТО и ЕУ во градењето на стабилна држава, во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат, што натаму ќе доведе до развој на целата држава во целина.

Џафери изрази задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска. Истакна дека особено се цени фактот што Хрватска силно ја поддржува Македонија во евроатланските интеграции, кои, како што напомена, се очекува да се финализираат со полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата.

Ја запозна својата соговорничка дека покрај реформските процеси во евроатлантските интеграции, особено по позитивниот извештај од Европската комисија кој ја содржи безусловна препорака за почеток на преговорите, Собранието посветено работи и на планот на балансиран дијалог меѓу власта и опозицијата во донесувањето на стратешки важните закони.

Џафери ја потенцираше важноста од натамошна заемна поддршка во мултулатералните и регионалните организации, бидејќи потребна е континуирана посветеност во негувањето на добрите билатерални односи со конкретни дејства.

Во однос на економската соработка Џафери подвлече дека истата треба и натаму да се унапредува, особено во делот на туристичката соработка, која е традиционална меѓу населението во двете држави.