Јас како заљубеник во спортот и како поранешен спонзор, се нафатив да го спасувам Вардар  и знаев дека целта на екипата е да се биде меѓу 16 во Европа, да играме во финале на СЕХА лига и да се освои двојна круна. Искрено да кажам сето ова го направив во договор со високи владини и градски функционери кои можат да носат одлуки, инаку и јас немаше да се нафатам сам, бидејќи знам колку можам заедно со своите спонзори да обезбедам, откри првиот човек на македонскиот шампион Михајло Михајловски

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961, но и сите љубители на ракометната игра беа шокирани кога Европската ракометна федерација одлучи да не му дозволи настап во Лигата на шампионите, наредната сезона. Двократниот европски шампион беше исклучен од Лигата на шампионите по одлука на ЕХФ поради заостанати долгови, па веднаш се предвидуваше најлошото. Сепак, првиот човек на „црвено – црните“, Михајло Михајловски, зборуваше за се што е направено досега за клубот, за иднината, а го кажа и новиот состав и амбициите за следната сезона.

Во Вардар ќе останат сите ракометари кои беа планирани за новата сезона, со исклучок на новите засилувања и оние кои си заминаа на крајот од сезоната. Се очекува уште потврда од Тимур Дибиров и Мартин Томовски кои се на годишен одмор.

  • Сите сме сведоци на она што за кус период не снајде, се огласивме и со официјално соопштение, но сакам некои рабти да ги повторам, да се обидам да бидам краток, а своето излагање би го поделил на два дела. Прво што направивме, а второ што ни се случи, не само на нас туку и за целата македонска јавност.  Прво сакам да му се заблагодарам на Сергеј Самсоненко, кој за пет години освои две титули со Вардар, нешто што го направиле само Барселона и Кил, и од свои причини потоа го остави клубот. Јас како заљубеник во спортот и како поранешен спонзор, се нафатив да го спасувам и знаеме што е цел на екипата, да се биде меѓу 16 во Европа, да играме во финале на СЕХА лига и да се освои двојна круна. Искрено да кажам сето ова го направив во договор со високи владини и градски функционери кои можат да носат одлуки, инаку и јас немаше да се нафатам сам, бидејќи знам колку можам заедно со своите спонзори да обезбедам. Но, морам да кажам и дека имам разбирање за состојбата, бидејќи влетавме во лоша состојба за државата, енергетска, економска, па војна во Украина. Но, не добив никаква помош. Очекував барем 40 проценти помош од тоа што ми беше ветено. Помош во овие две години добив само од спонзорите и затоа сакам да искажам благодарност. Секој со свои можности го помагаше Вардар. За две години два пати ја освојувавме двојната круна и покрај тоа што имавме силна конкуренција во Е. Пелистер. Имав една идеја и замисла Вардар да биде стабилен со четири засилување наредната сезона. Бевме убедени дека тимот за наредната сезона е за 20 процени подобар, но плановите ни се расипаа на 17 јуни кога бевме исклучени од Лигата на шампионите, од страна на ЕХФ. Факт е дека цело време бевме во контакт со ЕХФ, а јас на претседателот Михаел Видерер му кажав дека не може да очекуваат се да биде исплатено во рок со оглед на целата состојба во моментов во Европа. Ние последниот долг го плативме на 31. мај и се извинивме за доцненњето. Но, чудно што никој од ЕХФ не ни кажа дека ќе бидеме исклучени доколку не платиме до определен рок.  На крај испадна дека пак има долгови кон играчи кои пријавиле во ЕХФ, но ние немаме добиено предмет за ниедна постапка од некој поранешен вардарец. Ние не сме дошле до таква ситуација, туку сме наоѓале заеднички јазик со сите, истакна Михајловски и додаде:

-После се што ни се случи одржав состанок со играчите, бидејќи размислуваме за иднината на клубот. Благодарен сум до сите нив, на мое задоволство сите, целата екипа, освен странците кои беа најавени, ќе си останат. Треба да разговарам уште со Дибиров и Томовски кои не се тука, се надевам дека и тие ќе останат, а со тоа ќе имаме конкурентна екипа да го освоиме првенството и Купот. Јас имав лична замисла, да се врати Вардар на нозе, а потоа да се повлечам од клубот. Се обидувам да најдам некој што ќе ме замени мене да го раководи клубот. На играчите им кажав, јас ќе најавам оставка, ама нема да го оставам Вардар. Сакам долговите да се расчистат, заедно со Сергеј, за да нема проблеми и догодина. Испративме писма до 37 компании да бидат спонзори, како и до сите останати кои можат да помогнат. Ќе бидам тука додека се потпишат договори, да се расчистат споровите и така клубот да продолжи со светла иднина. Тоа значи да се игра во Европа, таму ни е местото според квалитет. Иако освојувањето на европски титули е далечно, треба да се бориме секоја година за нокаут фазата. Многу побогати клубови не успевале да го освојат трофејот во ова натпреварување, изјави првиот човек на клубот.

Михајловски најави дека на Вардар ќе се приклучи Милан Лазаревски, се враќа пивотменот Атанасовски, Додиќ сака да остане, ама чека дозвола од Киелце и ќе се доведе ново лево крило за резерва на Дибиров.

Составот на Вардар 1961 за сезоната 2022/23: Голмани: Мартин Томовски, Васил Гогов, Борко Ристовски (тренер на голмани) Десни крила: Гоце Георгиевски, Ќосевски, Дарко Ѓукиќ, Десни бекови: Куни Моралес, Давид Савревски, Средни бекови: Мартин Карапалевски, Стефан Додиќ (ако му дозволи Киелце), Анте Гаџа, Леви бекови: Филип Талевски, Марко Мишевски, Леви крила: Тимур Дибиров, Пивоти: Стојанче Стоилов, Стефан Атанасовски, Милан Лазаревски

Клупата во моментов е резервирана за Владо Недановски, помошник ќе му биде Стојан Петрушевски, а тренер на голманите е Борко Ристовски. (С.Т)

Фото: П. Стојановски