Поранешната девојка на италијанскиот фудбалер Донато „Денис“ Бергамини, кој почина на 27 години на 18 ноември 1989 година во наводна несреќа на автопат, Изабела Интерно (52), е обвинета за соучество во убиство со умисла по 32 години од трагична несреќа.

Првично се веруваше дека станува збор за самоубиство бидејќи телото на Бергамини, според првичната верзија, беше прегазено и смачкано од камион на улица во близина на градот Росето Капо Спулико, во Калабрија, пренесува Кликс. Но, сега вистината излезе на виделина.

Членовите на семејството, бројните новинари и поранешни соиграчи никогаш не сметаа дека е веројатно таква реконструкција на настанот, бидејќи имало многу нелогичност и пропусти во доказите од самиот почеток.

Во ноември 2017 година, по дополнителна истрага, по наредба на судот во Кастровилари, обдукцијата потврди дека несреќниот фудбалер бил загушен пред да заврши под тркалата на камион.

Конечно, речиси 32 години по смртта на Бергамини, неговата поранешна девојка Изабела Интерно и возачот на камион Рафаел Писано се обвинети за убиство. Наводно таа го издрогирала и потоа го задушила.

Според обвинителот, осомничената Интерно, која тогаш имала 19 години, го убила своето момче поради прекин на нивната врска.

Откако го издрогирала, наводно го задавила со помош на непознати луѓе, а потоа го симулирала неговото самоубиство.

Првото рочиште за судењето е закажано за 25 октомври и се чини дека вистината во оваа приказна, која е како филм, конечно би можела да излезе на виделина.

Донато „Денис“ Бергамини беше играч од средниот ред кој својата кариера ја изгради во италијанските пониски лиги, во тимови како Имола, Руси и Козенца, каде остави најдлабока трага во текот на пет години играње.