Го видоизменивме понудениот договор за Универзална сала, чекаме одговор од Град Скопје!

91

Универзална сала сè уште не му е предадена на Министерството за култура, тврди министерката Бисера Костадиновска- Стојчевска. Според неа, Министерството за култура го видоизменило понудениот договор од Градот Скопје и се чека одговор, при што изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен

Состојбата со култната Универзална сала со која Град Скопје конкурираше за добивање на титулата „Скопје град на културата за 2028 година“, сè уште е статус кво. Град Скопје ја започна реконструкцијата, па потоа работите беа прекинати поради недостатоци во проектот. Бидејќи работите на терен не мрднаа од место, Владата побара градските власти да му ја предадат надлежноста за реконструкцијата на Министерството за култура, што потоа и се случи со одлука на Советот на Град Скопје.

И покрај таа одлука, Универзална сала сè уште не му е предадена на Министерството за култура, тврди министерката Бисера Костадиновска- Стојчевска.

– Шест месеци по добивање на титулата, односно најдоцна до март следната година, треба да дојдат експерти од Европската комисија, кои ќе видат до каде сме. Јас имам чувство дека ќе биде тоа пак како сега, во пет до 12, меѓутоа во екот на избори, не знам кој што ќе направи, кога сите ќе бидеме на друго ниво и кога ќе бидеме лимитирани – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на неодамнешниот брифинг со новинарите, предупредувајќи дека добила две известувања од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне.

Во телевизиска изјава, таа истакна дека комуникацијата била на техничко ниво и оти од Градот Скопје понудиле видоизменет договор, кој се коси со одлуката според која правото на реконструкција му се пренесува на Министерството за култура и дека по нејзиното завршување, Министерството ќе му го врати објектот на Градот.

Костадиновска-Стојчевска потврди дека Министерството за култура го видоизменило понудениот договор од Градот Скопје и се чека одговор, при што изрази уверување дека овој усогласен предлог-договор на Министерството со сите релевантни правни чинители ќе биде прифатен и конечен и дека граѓаните на Скопје,  државата и културната јавност ќе го добијат толку потребниот објект.

Од Министерството за култура информираат дека во тек се разговори на техничко ниво во Град Скопје, таков состанок имало и вчера и оти работите се менуваат од час во час, па сè уште немаат прецизни информации за јавноста.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека Владата е подготвена да ја почне обновата на Универзална сала и оти сака да помогне, а, исто така, е понудена и помош и за други големи проекти што се во ингеренција на Град Скопје.

(А.П.)