Готви дивеч, сака да спортува, да подарува и е голем верник 

798

На екипата на весникот „Вечер“, Богдановиќ широко им ја отвори вратата од неговиот дом на улица „Народен фронт“, во населбата Капиштец, за да можеме во домашна атмосфера и со кафе, одблиску да се запознаеме со него и неговото семејство. Ни откри дека кафето сака да го пие на тераса, сака да готви дивеч, особено зајачко, сака да спортува на отворено, во слободното време се дружи со другарите, а дома знае да зачисти. Голем верник е и семејна слава им е Свети Никола

 

Голем хуманист и љубител на животните. Има широко срце и разбирање за проблемите на луѓето, па секогаш наоѓа време и начини како да помогне. Со овие зборови во кратки црти може да се опише градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ кого неговите сограѓани го паметат по одлуката да ги ослободи од плаќање паркинг кога беше директор на општинското претпријатие ПОЦ.

По неговото седнување во градоначалничката фотелја во најурбаната општина во државава, се фати во костец со наследените проблеми што ги затекна, но она што посебно го краси е неговото залагање за правата на центарци преку многубројните хуманитарни акции што ги организира заедно со своите пријатели и соработници. Во мај 2017 година, за прв пат на територија на Општина Центар, ја започна кампањата за стерилизација на бездомни животни „Центар на 4 нозе“.

Најубаво ми е кафето испиено на тераса

На екипата на весникот „Вечер“, Богдановиќ широко им ја отвори вратата од неговиот дом на улица „Народен фронт“ број 23, во населбата Капиштец, за да можеме во домашна атмосфера и со кафе, одблиску да се запознаеме со него и неговото семејство.

Неговата мајка нè пречека со топла насмевка и искрено добредојде. Како што налага традицијата, како што и самата кажа, нè почести со слатко од јагоди и чаша вода.

Во станот на Богдановиќ владее вистинска семејна атмосфера. Добредојде ни посака и неговиот најмлад брат Бојан. Неговиот татко и најстариот брат Перица не успеавме да ги видиме и запознаеме. Не беа дома.

Градоначалникот се обиде да не удостои како вистински домаќин иако брзаше. Ни рече дека има и други обврски што треба да ги заврши, иако само што беше дошол дома од работа.

– Не ме оставаат на мира. Кој е помлад ќе има и повеќе обврски. Но, не се жалам – со насмевка се пошегува Богдановиќ.

Додека го почнувавме разговорот, неговата мајка нè почести и со кафе, но и со вкусни чоколади. Тој ни откри дека најмногу сака кафето да го испие на терасата од нивниот стан.

– Така кафето ми е вкусно. Да земам свеж воздух и да ги наполнам батериите. Ех, овде се случувале многу нешта! Многу нови години се славеле овде, многу веселби, родендени – се присети тој, иако сè уште е млад и има 34 години.

Ни кажа дека е роден во Постојна, во Словенија. Со семејството живеел во Випава, мало гратче во Словенија. Неговиот татко Светислав бил воено лице – потполковнок, сега во пензија, инаку родум од Куманово.

– И сега татко ми сака да оди во својот роден град. Во моментов е во куќата во Куманово. Таму имаме фарма и многу време сака да поминува таму. Сега е слободен и сака мир – раскажува Саша.

Градоначалникот вели дека израснал во Скопје, а во независна Македонија му се сите негови другари и пријатели.

– Детството го поминав овде. Овде сме од 1991 година – истакна тој.

Слободното време сака да поминува во кругот на семејството со своите најблиски, но сака да им посвети внимание на своите другари. Тоа се случува по 20 часот.

– Зависи од обврските. Често гледаме тоа да е недела, бидејќи е ден за одмор. Се собираме на појадок или на ручек. Многу ги сакам јадењата на мајка ми. Затоа и често доаѓам тука. Инаку, живеам сам во Дебар Маало под кирија. Се надевам дека наскоро ќе си основам свое семејство – вели Саша.

Голем гурман е и сака да спортува на отворено

За себе вели дека е гурман. Со смеење кажа дека тоа се гледа по него. Вели дека и самиот сака да зготви и да ги изненади своите најблиски.

– Да, сакам да готвам за моите најблиски и пријатели. Најчесто подготвувам зајак, дивеч, селско месо, но и разни видови на салати. Обожавам месо. Дивечот и зајаците ги земам од фарма – открива за себе Саша.

Онолку колку што му дозволува времето, сака да пешачи на Водно и да трча на кејот на Вардар.

– Не сакам да вежбам во затворен простор. Не сакам да одам во теретани и затоа сакам да спортувам на отворено. Сакам и да патувам. Ги сакам скандинавските земји. А одам секаде каде што имам можност – потенцира Богдановиќ.

Од спорт, најмногу сака и гледа кошарка, пред сè заради кошаркарскиот клуб  „Работнички“ кој го финансира Општина Центар.

– Инаку гледам сè, зависи од друштвото. Кога има Лига на шампиони се собираме цело маало и навиваме гласно – нагласи Богдановиќ.

Но, не крие и не се срами да каже дека знае да биде домаќин и освен што готви, знае и да исчисти.

– Да, знам да пуштам машина, да средам дома, сам живеам, морам. Но, во последно време често доаѓам кај татко ми, мајка ми и браќата. Со нив ми е најубаво – се смее Богдановиќ.

Тој открива дека е верник, а тоа го покажуваат повеќето икончиња поставени во дневната соба, дека семејна слава им е Свети Никола.

– Се собираат многу луѓе. Славиме пет дена. Тоа е вистинска слава – објаснува Богдановиќ.

Тој додава дека како ритуал пред легнување му е да се прекрсти и да каже молитва.

– Освен тоа, во недела гледам да одам во црква на литургија – открива Богдановиќ.

Тој вели дека сака да изненадува и да подарува.

– Особено за родендени сакам да подарувам и избирам подароци, па дури и да организирам забави. Исто така, подарувам и за празници. Тоа за мене е најубавото нешто – вели Богдановиќ.

Како што бевме дочекани, така и пријатно бевме испратени од Саша и од неговата мајка, која, додека разговараме, подготвуваше и работеше нешто во кујната.

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН ВЕЧЕР, ВИ ПОСАКУВАМ УШТЕ МНОГУ НАПИШАНИ СТРАНИЦИ

На моите пријатели од весникот ВЕЧЕР им посакувам уште многу текстови и напишани страници, а секоја година да бидете сè подобри и подобри.

Среќен роденден ВЕЧЕР, кој го купувам секое утро!

(А.П.)